Еврокомесарот Јоханес Хан попладнево на одделни средби со лидерите на парламентарните партии ќе се обиде да најде начин за излез од политичката криза. Хан, кој во Скопје пристигнува заедно со тројцата европратеници Едуард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекештајн средбите ќе ги почне во Собранието со претседателот на Беса Биљаљ Касами во 14 часот и 10 минути. Според агендата состаноците би требало да завршат во 21 часот и 15 минути со средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Еден час Хан е предвидено да зборува со претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, час и 15 минути со првиот човек на ДУИ Али Ахмети и час и половина со лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, нема да оствари средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, информираат од Кабинетот на претседателот.
Од таму велат дека претседателот Иванов, кој вчера престојуваше во работна посета на Унгарија, во Македонија ќе се врати доцна вечер, при што нема можност за средба со еврокомесарот Хан.
Дека Иванов во својата агенда не планирал средба со еврокомесарот Хан и со тројцата европратеници уште во петокот му било соопштено на амбасадарот Самуел Жбогар, велат од Кабинетот на шефот на државата.
„Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последната средба на 10 февруари 2017 година и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат, без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана“, се вели во соопштението од Кабинетот на Иванов.
Со оглед на тоа дека претседателот нема да оствари средба со еврокомесарот Хан, од Кабинетот велат дека претседателот Иванов предвидениот термин им го отстапува на претставниците од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан. Добро е еврокомесарот да се запознае со аргументите и причините поради кои македонските граѓани протестираат повеќе од дваесетина дена, велат од кабинетот на Иванов.
Хан, пак, минатата недела во интервју за Дојче Веле апелираше за мирно предавање на власта. По одлуката на Иванов да не му го даде мандатот на Заев и покрај собраните 67 потписи од пратениците на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците, повеќе високи западни политичари бараа од Иванов да ја преиспита одлуката. Меѓу нив и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини која во Скопје беше на втори март кога побара исто така тој да ја преиспита одлуката.
Средба со Хан побараа и претставниците на иницијативата „За заедничка Македонија“, но портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич, вчера најави дека тој нема да се сретне со нив, затоа што овој пат на агендата на еврокомесарот биле само политичките чинители.
Незадоволни од ваквата најава организаторите вчера порачаа дека, ако меѓународната заедница му мисли добро на овој народ и на оваа земја, најмалку што можела да направи е јасно и недвосмислено да ја отфрли албанската платформа која ги загрозувала националните и државни интереси. За денеска повикуваат на масовни протести за, како што велат, да ги видел Хан.
Да ги земе предвид протестите на иницијативата, од него, според најавата, се очекува да побара и ВМРО-ДПМНЕ. Како што најави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, другите две барања што ќе му ги испорачале на еврокомесарот се: да ја осуди платформата и да се почитува правилото при формирање на Влада кое значи, победникот во македонскиот, секогаш да коалицира со победникот во албанскиот блок.