Прислушување без контрола во и надвор од УБК

илустрација

Бројните недостатоци во областа на следењето на комуникациите во УБК отвораат потреба за коренити реформи во безбедносниот систем, но технолошкиот развој овозможува и прислушување надвор од институциите, посочуваат експерти.

Во моменти кога македонското општество се соочува со криза во повеќе сфери, неговата демократизацијата во голема мера ќе зависи од реформите во безбедносниот систем и запирањето на практиката на кршење на правото на приватноста на граѓаните од страна на безбедносно-разузнавачките служби.

Аферата „Дувло“ во 1992, „Големото уво“ во 2001 и аудио снимките објавени во 2015 година, се трите случаи познати во македонската јавност за злоупотребите во УБК, кои укажуваат на незаконското прислушување на граѓани, особено политичари, новинари, бизнисмени, спротивно на она што го гарантираат демократските норми.

Соодветна демократска рамнотежа, според упатените, би значела безбедносните служби да ги решаваат заканите за безбедноста на државата, а граѓанското општеството да има соодветна контрола над нивната работа.

Експерти укажуваат на бројни недостатоци во сегашниот систем за контрола на безбедносните служби и сложеност во односите меѓу извршната, законодавната и судската власт.

Какви рефоми се потребни?

За спречување на ваквата појава потебна е коренита трансформација на безбедносниот систем, вели поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Павле Трајанов.

Тој предлага формирање Совет за национална безбедност (центар на агенциите за разузнавање и контраразузнавање, на одбраната, УЈП и царина) каде ќе се слеваат сите разузнувачки и контраразузнувачки информации. Државниот врв би ја насочувал работата на службите, а контролата ќе ја врши Собранието, на транспарентен начин кој ќе гарантира некаква заштита.

Трајанов вели дека клучен е проблемот со системите за контрола на телефонските линии, како и платформите за комуникација преку интернет. Во однос на решенијата, тој вели дека постојат повеќе модели во светот.

„Можеби едно од решенијата е системот на Петта управа да се оддели комплетно од МВР, да биде посебен технички центар, каде што директорот ќе биде назначен од Парламентот и тој ќе постапува, ќе биде сервис на оние што имаат законски основи за прислушување, но мора тоа да оди исклучиво преку судска наредба“, вели Трајанов.

Прислушување надвор од МВР

Тој потенцира на напредокот на технологија и можностите самите политички партии, но и компании да набавуваат системи за прислушување и да ги злоупотребуваат.

„И натаму МВР преку УБК и таканаречената Петта управа неовластено ги злоупотребува тие системи и во текот на политичката кампања и подоцна. Се повеќе добиваме информации дека засилено се контролираат телефонските разговори на политичките противници, на голем дел на бизнисмени, новинари дека репродукцијата се врши надвор од МВР, на друга локација преку луѓе кои се ангажирани по разни линии. Тоа значи дека овие системи и натаму се злоупотребуваат“, вели Трајанов.

Концентрација на моќ

„Не постои совршен закон кој може да ги покрие сите животни околности и можности во врска со злоупотребата на власта и на моќта“, вели Тито Петковски - поранешен пратеник и член на собраниската Комисија за контрола врз следењето на комунакциите во МВР .

„Доколку не постои политичка волја ниту една реформа нема да успее. Во таа смисла мислам дека најдобро може да се согледа во Извештајот на Прибе. Таму е наведено во која насока треба да се вршат реформите“, вели Петковски.

Тој додава дека македонските закони се усогласуваат со европските, но оти недостасува ефикасна парламентарна контрола, поради концентрација на моќ во извршната власт.

Проширените овластувања и технолошкиот напредок на УБК?

По воспоставувањето на независноста, првото проширување на дозволите за следење на комунуикациите на граѓаните во Македонија беше направено во декември 2003 година, кога пратениците со двотретинско мнозинство го донесоа уставниот амандман 19.

Потоа, во 2008 – 2009 година (УБК) купува нова опрема, која заедно со старата функционираат паралелно, а старата потоа е исклучена. Оваа информација беше објавена на прес-конференција на СЈО во март 2016 година.

Во 2010 година се менува Законот за електронски комуникации со кој се прошируваат овластувањата за следењето на комуникациите, но истата година Уставниот суд ги поништува одредбите.

Во 2013 година канадската истражувачката група „Ситизенлаб“ објави дека тајната полиција во Македонија и уште 11 други земји користат софтвер наречен „ФинФишер“, кој овозможува злоупотреба преку пристап до целата електронска комуникација на граѓаните, нивните мобилни телефони и комуникацијата на интернет.

Во 2014 година Собранието повторно го менува Законот за електронски комуникации.

Извештајот на Прибе

Недостатоците во контролата на службите прецизно се нотирани во таканаречениот Извештај на Прибе направен од меѓународни екеперти за системски прашања во оваа област.

Тие во јуни 2015 година придружувани од службеници на Европската комисија, направија анализа на ситуацијата и разговори со голем број владини и невладини претставници во земјава.

Беа нотирани бројни недостатоци во областа на следењето на комуникациите, како што е наведено, поради концентрација на моќ во УБК и злоупотреба на механизмот за нејзин надзор.

УБК работи надвор од својот законски мандат во име на власта за да ги контролира носителите на јавни функции, во јавната администрација, обвинителството, судиите и политичките противници, како последица на вмешувањето во независноста на судството и другите национални институции, посочуваат експертите.

УБК има монопол над користењето на опремата за следење во разузнувањето и во кривичните истраги; секој од трите национални телекомуникациски оператори ја снабдува УБК со потребната техничка опрема, овозможувајќи и директоно да ги следи нивните целосни оперативни центри. Како последица на ова УБК може директно да ги следи комуникациите, без оглед на тоа дали е издадена судска наредба.

Во извештајот, освен прекршувањата на правата на поединци и сериозната повреда на законите за личните податоци, исто така е наведено дека е спречен парламентарниот надзор за вршење на инспекција во УБК.