Кога за некој уметник, во влијателниот „Дејли њус“ ќе осамне насловот „Унгарецот Иштван Вардаи е најдобриот виолончелист на светот“, тогаш работите се сосема јасни. И, токму тој Иштван Вардаи, овој четврток, во редовниот термин на Македонската филхармонија ќе биде солист на концертот „Чајковски: смеа и тага“.
Тој на домашните љубители на убавата музика ќе им се претстави со Рококо варијациите за виолончело и оркестар на Петар Илич Чајковски, еден од најголемите, најсестраните и најплодните руски симфоничари кој со своите дела ја одбележа ерата на доцниот романтизам.
Со оркестарот и овојпат, впрочем како и минатиот четврток при гостувањето на врвната австралиска сакасафонистка Ејми Диксон, ќе диригира маестро Кејс Скалионе од САД, а по подолго време, ќе биде изведена Шестата симфонија на рускиот гениј насловена „Патетична“, која се смета за една од најубавите симфонии на сите времиња.
Чајковски симфонијата ја создал непосредно пред неговата смрт во 1893 година, во миговите на депресија и сомнеж во својот креативен дух. Незадоволен од резултатот, често ја кинел партитурата, но, по бројни исправки, почнал да верува дека тоа е можеби еден од неговите најдобри трудови, сметајќи дека таа е „завршен камен на целото негово творештво“ и „најискреното дело кое некогаш го напишал“.
Роден во 1985 година, Иштван Вардаи, пак, откако ќе дебитира во Хаг на 13 годишна возраст, ќе ги окупира сцените во Њујорк, Лондон, Париз, Прага, Виена, Минхен, Франкфурт, Москва, Токио... притоа соработувајќи со врвни оркестри и диригенти како што се Адам Фишер, Хауард Грифит, Николас Паскет, Маркус Бош...
Инаку, нешто пред тоа талентираниот Унгарец бил примен во класата на прочуениот Ласло Мезо како посебно надарен музичар на Академијата „Франц Лист“ во Будимпешта.
Во 2005 година ги започнал студиите на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена кај познатиот Рајнхард Лацко, а во меѓувреме посетувал и мастер-часови кај истакнатите Гидон Кремер, Наталија Гутман, Јури Башмет, Андрас Шиф и Наталија Шаковскаја.
Вардаи е добитник на многу награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и три награди на „Давид Попер“ во Будимпешта (2000, 2003 и 2004), специјална награда „Емануел Феурман“ во Берлин и прва награда на конкурсот „Јоханес Брамс“ во Австрија. Во 2007 година тој станува лауреат на престижниот меѓународен натпревар „Чајковски“, а една година подоцна и на 63. Интернационален натпревар во Женева.
Во 2012 година, пак, ќе ја добие престижната „При Монтблан“ како еден од најнадежните млади музичари во светот, а во 2014 година и престижната АРД на натпреварот по виолончело во Минхен.
Како камерен музичар соработувал со видни имиња, а меѓу нив и со славните Шиф, Кремер, Башмет, Миша Мајски, Александар Ситковецки...и други.
Својот прв носач на звук виртуозот го објавил во 2009 година и на него се документирани изведбите на дела од Јаначек, Прокофјев и Елгар. Веќе следната година го снима Концертот за виолончело од Јохан Баптист Ванхал, а во 2013 година излегува албумот со композиции на класиците Менделсон, Мартину, Паганини, Бетовен и Попер. Конечно на неговата објава од пред три лета ќе се најдат и двете верзии на Рококо варијациите од Чајковски.
Инаку, Иштван Вардаи заедно со виолинистот Кристоф Барати, е уметнички директор на водечкиот фестивал на камерна музика во Унгарија – „Капосфест“, а самиот свири на познатиот легендарен инструмент од фабриката „Ду Пре-Харел“ Страдивариус (1673), виолончелото на познатата Жаклин Дупре (кое, патем, на подарок го добил од страна на некој Германец кој сакал да остане анонимен), како и на инструментот Монтањана од 1720 година.
Од друга страна, чисто како потсетување, за маестро Кејс Скалионе критиката вели дека „постојано ги импресионира оркестрите од целиот свет со сензитивни и внимателни изведби на музичките дела“. Тој зад себе има импресивна кариера, диригирајќи со значајни оркестри во светот. Во концертната сезона 2016/17 дебитираше со Норландсоперан оркестарот во Шведска, Камерниот оркестар на Лозана и со Филхармонискиот оркестар на Тампере, Финска, а се враќа да диригира и со Симфонискиот оркестар во Кристијансанд во Норвешка, како и со Филхармонијата на Брно.
Инаку, минатата особено успешна година за маестро Скалионе ја одбележаа настапи со Симфонискиот оркестар на Детроит, Филхармонијата на Луксембург и со оркестарот на Музичката академија „Џулијард“ во Њујорк, каде што своето знаење им го пренесува на студентите.