Двојазичноста постои, но не се применува доследно

Употребата на двојазичноста, како што се бара во платформата на албанските партии, во најголема мера ќе значи почитување на сегашниот закон за примена на јазиците кој не се спроведува доследно.

Во Македонија скоро на 80 проценти од територијата живеат Македонци, па сега албански ли да учам. Доста е што децата учат англиски и други светски јазици, па сега и албански да учат?

Ова е, според Јани Христовски, причината поради која веќе три дена маршира низ улиците на Скопје, како учесник на протестите организирани од иницијативата „За заедничка Македонија“.

„Ќе си научат тие што имаат работа со Албанците, а не со закон да го спроведуваш тоа. Не може во една држава да има два јазика, еден јазик е национален јазик, другите се споредни“, додава Христовски.

Картичките за јавен превоз во Скопје се двојазични

Но, двојазичните табли на повеќето институции во главниот град, двојазични пораки на градските автобуси, двојазичност во матичната евиденција во општините каде што албанскиот јазик го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните се само дел од македонското секојдневие кои покажуваат дека и досега, Македонија ја применувала двојазичноста. Употребата на јазиците првично беше регулирана со Закон од 2008 година со кој се предвидува јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, покрај во Собранието, да се употребува и во комуникација на граѓаните со министерствата, со народниот правобранител, во судските и во управните постапки, во извршување на санкциите, при изборниот процес и референдум, при издавање лични документи, водење матична евиденција, примена на полициски овластувања и во други области.

Но, политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека истиот тој закон доследно не се применувал во пракса.

„Со законот кој се предвидува сега ќе има санкции. Неупотребата на албанскиот јазик таму каде што е предвидено не може да помине без санкции. Второ, имаше одредени закони кои не предвидуваа одредби со кој ќе се регулира ова прашање, иако Уставот тоа го налага“, вели Зибери.

Како пример тој го наведува Законот за нотаријат, кој ја исклучува можноста од употреба на албанскиот јазик и постои децидна одредба дека нотарските исправи се составуваат на македонски јазик и кирилично писмо. Ист е случајот со законот за меница. Зибери посочува дека употребата на двојазичноста, како што се бара во платформата на албанските партии, не значи дека албанскиот јазик ќе се употребува таму каде што не живеат најмалку 20 проценти од албанската етничка заедница.

„На пример, на граничниот премин, Ќафасан ќе стои двојазична табла, ама не и во Струмица. Или во институциите, во Собрание, министерства, подрачни единици во општините каде што Албанците се над 20 проценти, таблите на тие институции ќе бидат двојазични, ама нема да бидат и во Струмица. Во Скопје ќе бидат, но не и во Велес“, посочува Зибери.

Темата е вештачки наметната, смета Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Многу од тоа што сега се бара со албанската платформа, веќе го пишува во Охридскиот рамковен договор, но и во посебен закон за употреба на јазиците, вели Кржаловски.

„Она што сметам дека недостига е потранспарентно и сосема објективно презентирање на тоа што веќе е уредено со законот, но и што всушност партиите преговарале и што прифатиле и да видиме кои се тие критички точки кои се прифатливи или неприфатливи. Јас лично сметам дека ќе се сведе на многу малку работи кои се недоуредени и прашање е дали треба да се уредат“, вели Кржаловски.

Наметнувањето на двојазичноста како проблем, но и како вовед за федерализација на државата, Кржаловски ја гледа во контекст на формирање на новата влада. Според него, виновни за нагласената поларизација се партиите.

„Со политиката на победникот носи се, нормално дека тие што ќе останат во опозиција сметаат дека не треба да се дозволи тоа, оти ќе се загрози нивниот опстанок или што и да е во позадина и така се подгреваат тензиите кај своето членство да се остане на победничката страна, односно таа што ќе успее да формира Влада“, изјави Кржаловски.

Инаку законот за употреба на јазиците од 2008 година претрпе измени во 2011 година, исто така донесени при коалицирањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Со измените употребата на овој закон се прошири, па јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Собранието на Македонија може да го употребуваат и избраните или именуваните лица од Собранието.