Зацврстување, а не намалување на улогата на ЕУ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Иднината на Европа не треба да е заложник на избори

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ги објави опциите за реформи на Европската унија за да го зачува единството, како и поддршката во јавноста по шокот со одлуката на Британија да ја напушти Унијата. Станува збор за пет сценарија што тој им ги презентираше на пратениците во Европскиот парламент.

Документот предвидува од мали промени во политиката на заедничкиот пазар до голем скок кон обединувањето на суверенитот на државите членки.

Јункер отфрла понамалена улога на Европската унија, наведувајќи дека Унијата би требало да има поголеми амбиции во промоцијата на мирот и просперитетот како што ги имала и во изминативе 60 години.

„Има влади кои сакаат намалување на улогата на Европската унија, а со тоа Европската комисија да се врати само кон менаџирање на заедничкиот пазар. Јас сум строго против тоа“, рече тој.

Јункер зборуваше позитивно за сценариото според кое некои земји би се интегрирале многу побргу.

Во истовреме, тој ги отфрли критиките од некои пратеници во Европскиот паралмент дека Европската комисија под негово претседателство не ја исполнила улогата да раководи со Унијата:

претседателот на ЕК Жан Клод Јункер

„Јас не сум диктатор, но сакам да ги кажам работите како што ги гледам“, рече тој.

Од друга страна, поранешниот премиер на Луксембург изјави дека националните влади и парламенти не се тие кои би требало да работат на одлуките за реформи во Европската унија.

На таков начин, како што оцени, Европската унија се соочува со големи предизвици од евроскпетиците.

Тоа, како што изјави, го покажа и гласањето за излегување на Британија од Унијата.

„Иднината на Европа не треба да стане заложник на изборите, партиските политики или краткорочните домашни вести за успех. Брегзитот, колку и да е болен или жален за нас, нема да ја запре ЕУ да се движи напред во иднината. Ние ќе продолжи да одиме, ние мора да продолжиме да одиме“, рече Јункер.

Тој притоа повтори дека националните лидери често пати се обидуваат да ја прикријат својата сопствена одговорност за непопуларните политики и неуспеси зад, како што рече, „ударите од Брисел“.

Јункер спомна дека евро-зоната, безбедноста, воените работи и социјалните стандарди, се областите во кои Европјаните би можеле да соработуваат повеќе, но притоа даде малку детали.