Околу илјада луѓе вечерва се собраа пред Соборниот храм Св. „Климент Охридски“ во Скопје на повикот на македонското патриотско здружение „Тврдокорни“, од каде маршираа до паркот „Жена борец“, барајќи како што рекоа, политичките партии да им одговорат што е договорено во Мала Речица.
Тие велат дека се против обидот на политичарите да воведат уште еден јазик.
„Овде сме поради молкот на оние кои се сметаат дека се најголеми. Молк на една отворена агресија напишана во Тирана и Приштина, агресија која нашите две партии ја премолчеа, ја премолчеа платформата заживеана со нивниот молк и со тој неважечки – нелегитмен документ седнаа да преговараат и да се пазарат околу создавање на нова влада“, изјави портпаролот на здружението, Драган Угриновски.
Здружението во соопштението за маршот повикаа на обединување на Македонците, бидејќи, како што велат, се доведени до амбис, а разградувањето на македонското ткиво ќе доведе до целосен крај на Македонците како народ, наведуваа здружението.
Тие истакнуваат оти е доста за амнестии за злосторници, територијални поделби и понижувања на бранителите и дека ќе го штитат секој милиметар на земјата.
Тие во паркот „Жена борец“ рекоа дека Платформата на Албанците е документ кој не е во насока на подобрување на нечии права, туку исклучително во насока на создавање на нов карактер и разнебитување и уништување на македонското тело.
„Нас воопшто не не интересира кој ќе ја формира владата, она што не интересира и на кое сакаме јавен одговор е зошто после објавувањето на Платформата, Вие господо политичари молчевте? Бараме одговор што договоривете во Мала Речица и зошто јавно уште првиот ден не го отфрливте тоа ништожно парче хартија пред да одите да се поклоните кај уценувачите во Мала Речица“, рече Угриновски.
Обраќајќи им се на политичките партии, Угруновски рече дека се подготвени да го излечат она што партиите го уништиле во изминатите 25 години.
„Чувајте ја оваа земја ако сте за тоа избрани од народот и оставете не да постоиме за некои наши возвишени нешта“, рече тој
Учесниците положија цвеќе пред Споменикот на Бранителите во паркот „Жена борец“.
Исто така беше истакнато дека здружението е формирано пред еден месец и дека на мирен начин сакаат да го искажат нивното незадоволство.