Амбасадорe, како ја оценувате политичката состојба во Македонија?
Македонија е денеска во потрага по излез од кризата. Тој излез од кризата почна со избори, избори коишто беа поздравени од страна на меѓународната заедница и коишто претставуваа прв чекор. Како во голем број други земји, вие сте во потрага по создавање на коалиција, тоа е навистина нешто вообичаено во големите парламентарни демократии. За тоа е потребно време, но во овој конкретен случај не треба да биде потребно многу време.
Што мислите за платформата на албанските партии, дали ова беше најпогодното време да се зборува за меѓуетничките односи кои во земјава се чувствителна тема?
Состојбата во Македонија, особено затоа што во Македонија живеат повеќе заедници - и македонската заедница, а и албанската заедница... Од гледна точка за Франција, во прв план е граѓанството, како навистина универзални вредности и заеднички патриотизам во генерален интерес и сето тоа за нас е доста позитивно. Потоа ќе кажам дека секоја заедница по природа на нештата има свои интереси коишто сака да ги одбрани и ми се чини дека првото прашање кое не треба да се заборави е прашањето за заедничкиот интерес за сите заедници, а тоа да се продолжи по патот кон ЕУ на којшто земјата застана.
Меѓународната заедница постојано инсистира на продолжување на мандатот на СЈО и на спроведување на итните реформски приоритети. Што мислите зошто ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на тоа?
Во однос на основањето, СЈО е поврзано со една криза и тоа е политичка. Во таа состојба која беше посебна и единствена, беше навистина неопходно да се основа специјална установа. Ќе напоменам дека тоа беше направено со согласност од сите големи политички партии и под своевидна гаранција на повеќе меѓународни фактори. И доколку, ако можеби СЈО е средство за излез од кризата, тогаш и неговиот мандат треба да биде продолжен со сите механизми коишто постојат во Собранието. За тоа е неопходно политичките партии да покажат одговорност, но и исто така и чуство за генералниот интерес на сите.
Што доколу не се продолжи мандатот на СЈО, имајќи предвид дека за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, а ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека нема да гласа за продолжување на мандатот?
Во моментов е прерано да се каже што било, затоа што Собранието не одржало седници, но сепак очигледно е, барем за нас, дека агендата на Собранието треба да биде агенда на важни реформи и тоа реформи за коишто ќе биде потребно широко и квалификувано мнозинство. Сите одлуки кои ќе бидат донесени од страна на политичките партии треба да се во национален интерес, а не само за интересот на одредена политичка партија или одредена личност од самата партија. Јас имам доверба, бидејќи се сретнав со лидерите на сите поголеми политички партии и сите ми покажаа патриотска и национална приврзаност која според мене им го дава целиот капацитет за надминување на потешкотиите кои се поврзани со одредени тешки одлуки кои треба да се донесат.
Ако СЈО е дел од решението за излез од политичката криза, кои се последиците од непродолжувањето на мандатот?
Мислам дека не може да се вреднуваме во таков вид на состојби затоа што јас верувам во разумот на политичарите, мудроста и исто така нивната должност и мислам дека постојат институционални капацитети да се управува со документите кои СЈО треба да ги има и во секој случај тоа може да се направи во согласност со големите партии. Затоа што работата на СЈО не треба да се смета како победа на една политичка партија врз друга, туку победа на вредности, европски вредности кои исто така ги споделуваат и големите политички партии.
Која од петте области на кои се однесуваат реформите на Прибе е најприоритетна - дали е тоа судството или можеби реформата во тајните служби?
Реформата на судството е една од најважните реформи, затоа што станува збор за област каде што Франција билатерално учествува со помош во тесна соработка со Академијата на судии и обвинители со која прославивме и 10-годишна соработка.
Пржинскиот договор донесе неколку клучни измени поврзани со владата и медиумите, но два месеци по изборите се чини дека работите се вратија по старо. Каков е вашиот впечаток?
Најбрзо ќе биде најдобро. Беше изгубено големо време откако пристигнав овде, претходно бев во Брисел за да ги посетам канцелариите на ЕУ и тие сметаат дека Македонија и претходно изгубила многу месеци и време. Светот знаете се менува, и регионот се менува, и регионот е понекогаш исполнет со опасни тенденции, а нам ни е потребна стабилна Македонија, Македонија која ги спроведува своите реформи, којашто чекори на патот кон ЕУ затоа што честопати се прашуваме што може ЕУ да направи за Македонија, но исто така и Македонија треба да се праша што може да придонесе за европската стабилност. Тоа е апел кој јас го давам од моја страна во однос на одговорноста и на граѓаните и на партиите.
Какви се вашите очекувања за излез од политичката криза во Македонија?
Очекуваме политичките партии да се договорат колку што е можно побрзо, за една функционална коалиција којашто ќе може да се одржи колку што е можно подолго, и втората точка за која ние размислуваме, надвор од владината коалиција, е да постои согласност меѓу политичките партии од сите заедници во однос на единствена агенда во која што ќе бидат утврдени приоритети, меѓу кои судството, реформа на службите и цела низа на други работи кои се доста очекувани и од населението и од ЕУ, затоа што овие реформи не се прават за нас, туку за вас.
Изразивте загриженост поради поделеноста во општеството. Каде поконкретно ја гледате опасноста од дестабилизација во Македонија?
Мислам дека не треба да се зборува за опасност и дестабилизација на земјата сè додека политичките сили се одговорни, а особено мислам дека има една работа која сум ја забележал откако сум дојден, а тоа е желбата да се приклучите кон европското семејство и НАТО. Од моментот кога политичките партии ќе бидат кохерентни во нивните постапки и доколку го бараат тоа што може да ги обедини кон генералниот интерес, мислам дека постои шанса за стабилност. Во други земји во регионот не постои таа едногласност, но исто така и голема поддршка од широкото мнозинство. Тоа навистина е вистинска прилика и шанса за Македонија, којашто е кревка и треба да се зајакне. Тоа е улогата на политичките одговорни лица, не да го продлабочат јазот, туку сосема спротивното од тоа.
Стравувате ли дека некој од политичките лидери може да покаже неодговорност?
Сите оние што ги сретнав се покажаа како одговорни и загрижени за генералниот интерес, за општиот интерес. Сепак, врз основа на тешки избори ќе треба да пресудиме дали спроти нас има политичар или државник.
Во земјава почна процес на таканаречена десоросизација, што во дел од јавноста се толкува како пресметка со граѓанскиот сектор кој има критички став кон власта. Како вие гледате на овој процес?
Навистина многу лош збор, дури имавте и потешкотија да го изговорите. Единствената работа што можам да ја кажам е дека кога една партија ги губи изборите или не победува на нив како што посакувала, тогаш се обидува да си најде одговорен за тоа. И тоа може да му се случи и на некој политичар и од голема земја, кога го критикуваат. И печатот или невладините организации се цел којашто најлесно се наоѓа. Тоа не е размислување коешто е европско. Од друга страна, ќе кажам дека невладините организации треба да се однесуваат со доволна неутралност и особено да ги почитуваат законите во земјата, кога станува збор за демократските закони.
Како ги коментирате критиките и обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека меѓународната заедница се меша во внатрешните работи на земјава, особено во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ беше дел од четирите партии кои преговараа токму во посредство на ЕУ и САД?
Јас не се чувствувам засегнат од тие критики.
Како ја оценувате македонско-француската економска соработка?
Нашите односи би можеле да бидат поинтензивни. Ние имаме неколку големи соработки, особено во областа на банкарството, затоа што дојде банка којашто навистина може да служи за пример, како Сосиете женерал – Охридска банка, којашто ја доби наградата за Банка на годината и којашто учествува во развојот на македонското стопанство. Ние исто така имаме и други големи претпријатија, како Фресине за градежните работи или Лакталис во агро индустријата. Имаме надеж за уште попродлабочен развој со неколку големи договори, но за тоа е потребно да имаме соговорници во владата, но и во големите јавни претпријатија. Ќе додадам и дека имаме мали претприемачи коишто се мошне активни. Би сакал само да посочам дека еден од нив е Имс, којшто успеа, заедно со македонски музичари и со музичарите од целиот регион, да основаат студио за снимање на филмска музика и мислам дека тоа е добар пример за снаодливост, како што велиме во Франција, но исто така и капацитет да се искористат сите таленти од областа на културата. М ислам дека и тој тип на соработка може да послужи за пример и таков тип на односи посакуваме со Македонија.
Како може да се подобрат?
Прво сметам дека постои можност, откако ќе има влада, да организираме своевидно претставување на економските можности на Македонија во Париз. Тоа е нешто што беше побарано од мене уште пред да дојдам во Македонија. Постои желба да се сретнеме со високи раководни лица во Париз. Од септември сум дојден овде и во очекување да ги контактирам сите соговорници коишто ќе бидат во можност да направат промоција на една стабилна Македонија, којашто ги спроведува реформите и се движи кон Европа. Пред тоа беше малку тешко да се организира таков тип на промоција на стопанството, но ние се подготвуваме и сметаме дека има надеж и дека оваа земја поседува многу човечки и природни капацитети, особено во областа на туризмот. Има што да се направи и ќе продолжиме да работиме заедно со сите претпријатија, особено испраќајќи млади практиканти коишто го зборуваат францускиот јазик, во француски претпријатија кои се доста ценети. Ние работиме.
Велите беше тешко. Зошто, каде недостига слух за подобра соработка?
Едноставно затоа што сè уште станува збор за техничка, односно привремена влада, која што само во ограничени рамки може да се обврзе кон иднината. Од друга страна, странските соговорници, особено од областа на стопанството и економијата, очекуваат прво стабилизација на состојбата. Ако постои една работа од која се плашат стопанствениците, тоа е непредвидливоста.