Јосип Коцев: Го најдов својот глас

Јосип Коцев, поет

„Напишана тишина“ е насловена втората поетска збирка на Јосип Коцев чија промоција е закажана за 1 март, во 20 часот, во скопскиот клуб МКЦ. Станува збор за објава публикувана во едицијата „Поеза“ на издавачката куќа Или-Или и за автор чија љубовна лирика е споредувана со онаа на великаните Петре М. Андреевски и Радован Павловски.

Ноќва ти се враќам со свои стихови неискажан,

како вруток силен, како солза слаб,

тивок како вселена, и бескраен исто толку...

Ноќва ти се враќам разголен, распишан,

со болни траги од мастило по кожата,

оти некои таги се најубави

кога се облечени во зборови,

оти некои нешта се најгласно кажани

кога се напишани...

Ова се само грст стихови од „Тивко враќање“, песната со која Јосип Коцев ги отвора портите на својата, сега нашата, „Напишана тишина“. Стихозбирката за која Лидија Димковска ќе потенцира дека „е ракопис на ерудит кој не ја изгубил димензијата на срцето во умствените витли на јазикот и во чија поезија се чувствува вокацијата на поетствувањето како апсолутно вградено во човечката природа на поетот“. Оној чија творечка константа, како што бележи Оливера Ќорвезироска, е разминатото, одминатото, прекинатото или поминатото, невозвратеното, скратеното или об(а)јатено сакање, сакање до пуштање крв, сакање до врв, до инает и назад, до немоќ и понатаму, до молење и понижување, до одмазда и самоказна, сакање како жива, отворена и посолена рак-рана, лузна, белег и бенка на срцето, слепила, молњи и секавици во очите. Истиот тој за чија поетика, како што истакнува Лилјана Пецова Илиевска, ги руши сите политики на „прв впечаток“.

Јосип Коцев, пак, со само нему својствената едноставност и смиреност знае да каже дека поезијата во „Напишана тишина“ се однесува на генерациите коишто живеат денес.

„Поезијата во „Напишана тишина“ се однесува на генерациите коишто живеат денес. Таа е всушност еден вид на одраз на она што го поминуваме секојдневно и можам слободно да кажам дека голем дел од луѓето коишто егзистираат, коишто живеат меѓу нас имаат многу повеќе напишана тишина отколку јас. Тоа се томови напишана тишина затоа што на луѓето денес полесно им е да кажат „прости“ или „те сакам“ во напишана форма отколку лично да ви го кажат тоа“, вели Коцев.

Тој дополнува дека лајтмотивот е тоа, дека „живееме во општество кое на еден начин нè присилува да молчиме“. Но, вели дека ако молчењето е креативно тогаш и тоа е еден вид на обележје кое како генерација го оставаат зад себе.

Роден на „некогашниот Ден на младоста“ - 25 мај 1985 година во Скопје, Јосип Коцев завршил правни студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Работи како монтажер и секој миг го користи своите разулавени мисли и емоции да ги расее околу себе. Мнозина го знаат по неговите стихови од социјалните мрежи, а деби книгата публикувана пред две години ја потпиша со сопственото алтер-его: „Јас, Квентин Скриблер“. Згора на тоа поезијата му е објавувана во неколку македонски книжевни списанија и на германската поетска мрежа Fixpoetry. Кога ова е веќе познато, не чуди кога вели дека има многу ликови во себе и дека постојано и упорно се изненадува со какви сè специфики од својот карактер се соочува.

„Јас сè уште го учам Јосип Коцев. Многу од тие ликови што поминаа низ мене ги заборавив. Сепак еден од нив којшто остави посебно обележје е Квентин Скриблер, ликот под којшто виртуелно творев на блоговите, форумите и социјалните мрежи повеќе од седум години. Тој остана бидејќи добро го запознав. Му ги знам контурите. Сепак има уште многу време во коешто ќе треба да се испитам и да се осознаам кој сум навистина јас. Којзнае што уште лежи во мене“, вели тој.

Поетот појаснува дека веќе било време со „Напишана тишина“ и Скриблер да го тргне малку настрана. Да ја покаже таа зрелост. Да матурира на соодветен начин во изразот, иако смета дека есенцијата е сепак останата иста.

„Она што го обележува Квентин Скриблер е начинот на којшто го предава она што го чува во себе. Оној, да речеме, вулкан од емоции што извира и се прелева во стихови останува истиот“, вели поетот.

Прашан, пак, дали може да ги слушне озвучени своите стихови, Коцев вели дека тој ја слуша само музиката на поезијата. Дека таа е внатрешниот говор на битието.

„Ако тоа е звук, ако може да се прелее во некаква музичка форма во смисла на она што го имаме кај Сајмон и Гарфанкел или кај некои други музичари, јас мислам дека тоа ќе биде само поклопување на различните видови на уметност и дека не е тоа нешто различно туку едноставно доаѓа како синхронизација да речеме – оној говор на поезијата со говорот на музиката, со говорот на уметноста воопшто. Поезијата може да биде музика, музиката може да биде ликовна уметност и сето тоа корелира и коегзистира и претставува еден голем систем во којшто ние можеме да се пронајдеме себе си“, вели тој.

Инаку, авторот не верува дека љубовта е набркана од светот колку и да е тој суров и неправеден. Дури ни во зло-време. Затоа потенцира дека конкретно за него поезијата претставува еден чин на предавање на онаа енергија којашто може да уништи човек за тој да ја искористи за да изгради нешто – подобро и поубаво. Похумано. Почовечно.

„Многумина и порано во македонската книжевност се обиделе и успеале да го докажат тоа дека може да се љуби навистина силно. Доказ за тоа е големиот Петре М. Андреевски со „Дениција“. Ако некој љубел на македонскиов простор, тоа е токму тој. Тука е и еден Анте Поповски којшто има вулкан од емоции и во чија поезија живее и љубовта кон саканата личност и кон земјата. Многу од тие творци ја извадиле таа суштина од себе и ѝ ја дале на оваа почва. А, како луѓето ја примиле е сосема друга приказна. И како тие живеат со тоа денес. Како можат да го трансформираат, преобразат тоа чувство, тоа е сосема индивидуална работа. Не можеме генерално да кажеме дека цела нација закоравила во сакањето, во љубењето, едноставно тоа е емоција која е сосема лична, сосема индивидуална. Секој на различен начин го преведува тоа внатрешно чувство“, вели тој.

Конечно Јосип Коцев по сè знае да каже дека ако во првата книга „Јас, Квентин Скриблер“, врисоците од младешките денови, а во „Напишана тишина“ бил малку „потивок“, она што сега го прави е позрела форма. Дека не е ни тишина, ни врисок туку еден нормален, среден тек на она што во моментот го живее.

„Го најдов својот глас. Го слушам и се обидувам да го доведам до едно средно ниво и да можам да се изразам на еден начин којшто соодветствува на она што моментално го доживувам и преживувам“, вели тој.