Очајнички изјави за останување на власт

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ прославуваат изборна победа по првичните резултати од парламентарните избори.

Примарна обврска на ВМРО- ДПМНЕ е да се почитува волјата на мнозинството граѓани, велат од партијата, по изјавата на Груевски дека ќе ги брани националните и државните интереси. Аналитичарите изјавата ја толкуваат како очајничка и наменета исклучиво за партиското членство.

На прашањето со кои средства ВМРО-ДПМНЕ ќе ги брани националните и државните интереси, а во контекст на последната изјава на Никола Груевски дека нема да дозволат дефакторизација на македонскиот народ, од партијата ни одговорија дека примарна обврска на ВМРО- ДПМНЕ е да се почитува волјата на мнозинството граѓани, кои гласале за нивната програма и се спротиставиле на редефинирањето на државата.

„Ние го цениме нивниот глас и ќе ги браниме нивните интереси. Постојат многу опции како би обезбедиле да се почитува волјата на мнозинството и во секој момент ќе бидат избрани најефикасните“, одговори партискиот портпарол Иво Котевски.

Изјавата на Груевски дека ВМРО-ДПМНЕ останува на бедемот на одбраната на националните и државните интереси, политичките аналитичари ја толкуваат како очајничка и наменета исклучиво за своето членство.

„Во една ваква ситуација, тој очигледно пристапува на еден начин да го одбрани сето она што досегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ го правело и губењето на власта не може поинаку да го оправда, освен со вакви специфични изјави кои исклучиво се наменети за своето членство. Нема никаква реалност дека прифаќање на одредени права на малцинските заедници, во конкретниот случај албанскиот јазик и неговото спроведување,може да биде дефакторизација на македонскиот народ, ниту на никој друг“, изјави Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.

Професор Алајдин Демири, ваквите изјави на Груевски ги перцепира како уцени и негов очајнички обид да се одржи на власт.

„Мислам дека долго време има вакви уцени и истите се всушност адресирани до ДУИ, до нивниот долгогодишен партнер. Само тие си знаат со какви досиеја располагаат. И кога уцените со досиејата не успеваат, Груевски сега се повикува на национално будење и национално бранење. Тој ги доживува сите прогресивни процеси и реформи како разнебитување на Македонија,“ изјави политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

Но, Марковски предупредува дека изјавата не е наивна и дека истата може да биде опасна, бидејќи носи порака до членството во партијата.

„Таа е опасна од аспект на излегување на улиците, масовно излегување, демонстрирање и други активности на радикалните структури внатре во партијата и од тој аспект може да дојде до одредени дестабилизациски состојби по безбедноста на Македонија“, изјави Марковски.

Марковски, сепак, додава дека независно од нивната масовност, таквите протести нема да предизвикаат поголеми немири или други поконкретни цели. Нивната масовност вели тој, ќе се намалува со текот на времето бидејќи таму има и луѓе кои не се слепи послушници на идеолозите на вакви настани.

Демири, пак, не верува дека ваквите изјави ќе водат до насилни протести по улиците.

„Не верувам во такви сценарија, затоа што нема народ кој би бил мотивиран од неговите мотиви за да излезе на улици. Сепак сметам дека ВМРО ДПМНЕ е поинаква партија и не би се осмелила да произведе немири“, заклучува Демири.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија и шпекулации дека општинските комитети на ВМРО ДПМНЕ се подготвени за протести доколку СДСМ и ДУИ ги соберат потребните потписи за парламентарно мнозинство.