Меѓунационалните препукувања нема да ги разделат граѓаните

Македонското знаме на тврдината Кале во Скопје.

Граѓаните се доволно зрели да не дозволат некој да им наметнува теми и да разгорува тензии таму каде што ги нема, велат аналитичарите, откако политичарите повторно се обидуваат да воведат меѓуетнички поделби.

Одолговлекувањето на политичката криза проследено со континуираните партиски препукувања на меѓунационална основа, креираат напната атмосфера која, според политичките аналитичари, сепак нема да ја влоши меѓусебната доверба кај граѓаните и нема да предизвика меѓуетнички тензии. Платформите, акцентирањето на употребата на албанскиот јазик, можна федерализација, националните предавства и други теми кои периодов се актуелни нема да успеат да ги поделат граѓаните по етничка основа, убеден е универзитетскиот професор Никола Дујовски.

„Граѓаните си го кажаа своето на 11 декември и едноставно не ја поддржуваат политиката и чекорите на политичарите кои се насочени исклучиво на етнички теми. Граѓаните на Македонија, без разлика на етникумот, бараат поинаков концепт на водење на државата. Луѓето не се веќе толку загрижени за нивните апстрактни права, туку бараат промена во концепцијата за развој на земјата, а тоа значи дека пред сè друго треба да оди економијата и подобриот стадард“, вели Дујовски.

Истиот став го дели и професорката Беса Арифи. Таа е убедена дека граѓаните се доволно зрели за да не дозволат некој да им наметнува теми и да разгорува тензии таму каде што ги нема.

„Јас мислам дека таа реторика на политичарите нема да има влијание, особено такво какво што очекуваат политичарите кои тераат таков контекст на работите. Сме виделе досега различни инциденти направени во таа насока. Но, се гледа дека во последно време тоа не се рефлектира на меѓуетничките односи и дека граѓаните не се веќе толку наивни за да поверуваат на се што ќе им се каже во однос на етничките теми,“ изјави Арифи.

Употребата на етничките прашања не е нешто на кое нашите граѓани не се навикнати, смета политичкиот аналитичар Албет Муслиу. Според него опсегот на кој делуваат сите овие препукувања се стеснува, зошто повеќето граѓани се свесни дека креираните тензии се резултат на фактот дека треба да се формира влада.

„Граѓаните во земјава докажаа дека и поголеми работи не можат да ги изместат нивните ставови а камо ли краткорочните партиски и меѓунационални препукувања, затоа што сите се свесни дека ова е борба за формирање на влада, а тоа подразбира поблиски меѓунационални договарања и односи. Мислам дека оваа ситуација е спинувана, а влогот е односот меѓу двете најголеми македонски партии и сето тоа што ветиле дека ќе го направат ако тие ја креираат владата“, изјави Муслиу.

Очекувањата на граѓаните ,според експертите, се што побрзо формирање на нова влада. Тие укажуваат дека поделеноста не е на меѓуетничка основа туку внатре во самите етникуми, а наметнувањето на вакви прашања може да им наштети само на политичарите.