Во Македонија јавноста е сведок дека кога одредени луѓе - од академици до глумци, па и политичари шират говор на омраза. Во случаите кога има потикнување на омраза и јавни навреди, најсилна е осудата на јавноста. Дел од аналитичарите велат дека е тешко да се дефинира до каде е слободата на говорот, а каде почнува говорот на омраза. Едни велат дека слобода на говор може да функционира кај високо развиени општества, додавајќи дека во спротивно таа може да биде опасна.
Универзитетскиот професор Нано Ружин вели дека јавните личности се луѓе со кои дел од јавноста се идентификува и оти тоа е цената на нивната популарност. Тој укажува дека загрижувачко е што јавноста често е сведок дека од политичари или во новинарски написи се изнесуваат идеи кои промовираат или потикнуваат насилство или омраза што поминува без реакција од институциите.
„Не може јавниот јунак да наведува на насилство, тоа е цената на популарноста, неговиот престап тежи повеќе од престапот на непознатиот човек. Проблем е што има политичари и функционери кои повикуваат на тоа, а преку кои поминуваме така бегло. Имавме разни политичари и функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои пoвикуваа на линч, дури и организираа работи како што беше проблемот во Општина Центар и слично. Затоа сега постои СЈО и покрена неколку елементи“, вели Ружин.
Деновиве во јавноста актуелни се реакциите кои ги предизвика актерот Владо Јовановски со неговиот напис на Фејсбук дека ќе има војна. На електронските медиуми подоцна тој објасни дека неговиот напис бил израз на загриженост што би можело да се случува во иднина, а написот од неговиот профил беше избришан. Ружин вели дека тој на некој начин се извинил во јавноста.
Според него, во системи во кои има почувствителна судска контрола, секако дека би била иницирана одредена постапка кога има промоција на идеја која е опасна за општеството, додека кај нас, како секогаш, судските органи и пред сè обвинителство молчат за такви инциденти, а во јавноста за 10 дена тие се релативизираат.
„Како што се релативизираат бројни искази на новинари и на оние што повикуваат на други форми на судири. Имате колумнисти кои повикуваат дека тоа треба да се сотре, уапси. Политичката слобода, кога е нивната партиска ориентација на власт, одговорноста ја сфатија премногу слободно, но кога е опозицијата во прашање веднаш би реагирале“, вели Ружин.
Во прилог на фактот дека како држава поминуваме лесно преку говорот со кој се повикува на насилство и омраза, аналитичарите укажуваа на ситуациите во кои новинари реагираа на одредени говори и бараа судска разрешница, но немаше никаква акција
Јордан Шишовски од Институтот за општествени и хуманистички науки, зборувајќи на оваа тема, става акцент на етичкиот аспект и личната одговорност. Тој вели дека јавната личност која има голем досег во јавноста на која многу личности и веруваат, дали е политичар или глумец, треба да внимава за последиците на кажаниот збор и да си ја сноси одговорноста.
„Она што е непријатно во целата ситуација е што се фрлаат зборови на Фејсбук. Фејсбук се смета за лично дворче, но сепак тоа е медиум. Се фрлаат зборови и не се зема одговорност за нив. Би било чесно некој ако погрешно е разбран да се извини или да го аргументира тоа што го кажал на поинаков начин“, вели Шишовски.
Тој порачаа дека и натаму чека кога медиумите ќе почнат повеќе да се занимаваат со вистинските проблеми во државата како што се сиромаштијата и состојбите во здравството и образованието, потенцирајќи дека во овие ресори со години назадуваме.