„Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ од Ѕвездан Георгиевски е кус роман, составен од осум поглавја, две поетски интермеца и епилог. Дел од поглавјата делумно функционираат и како самостојни текстови и може да се читаат како раскази, иако се мошне цврсто инкорпорирани во романескната целина – како тематски, така и на стилски и поетички план.
Георгиевски во предговорот на романот експлицитно ги открива книжевните и воопшто уметничките дела кои влијаеле врз обликувањето на ракописот, притоа вешто ослободувајќи се од сомнителната демијуршка претенциозност. Оддалечувајќи се од божемната супериорност на сопственото авторство, авторот вели:
„Ако случајно се препознаете во некој лик или некоја случка, нека не ве излаже тоа – да, тоа е украдено од вас, бидете сигурни.“
Ова, меѓу другото, ќе биде забележано во образложението на жирито на наградата „Новите“, во состав Калина Малеска, Давор Јордановски и Иван Шопов, со кое „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ на новинарот, колумнист и преведувач Ѕвездан Георгиевски беше одбрано за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2016 година, признание што го доделува издавачката куќа Темплум.
Во предвечерието на промоцијата на книгата, авторот вели дека таа е резултат на еден неочекуван луксуз што го добил во последните пет-шест години, а тоа е многу слободното време. Истакнува дека токму слободното време е најскапата работа што човек може да ја добие, така што неговото останување без работа му дало една привилегија што ја немаат многу луѓе околу него. Со оглед на неговиот, како што вели, дефицит на различни вештини кои би можел да ги применува, немал што друго да прави освен да пишува и да се одржи во пишувањето. Сакал да верува дека може да се пишува за да се живее, меѓутоа и да се живее за да се пишува. Сметал дека во некои години кога сте „престари за рокенрол, а премлади за смрт“ ( н.з Иан Андерсон – ЏЕТРО ТАЛ), едноставно не ви преостанува ништо друго освен да се занимавате со работа за која мислите дека знаете најдобро да ја правите.
„Овој роман е некој одраз на мојата психолошка состојба, на моите долги размислувања, а краток е бидејќи морам да признам дека брзо и кратко пишувам. Имам една теорија за него која многу често ја повторувам, а тоа е приказната за ѕвездите на небото. Ако погледнете во небото, бидете свесни дека секогаш гледате реприза. Никогаш не го гледате оригиналот затоа што има куп ѕвезди кои се одамна умрени, а ние ја гледаме само нивната светлина која сега допатувала до нас“, вели Георгиевски.
Во натамошната експликација, авторот појаснува дека иако нам небото секогаш ни изгледа исто, тоа е секогаш различно и дека зависи од нашата местоположба, брзината на движењето на земјата, каде е планетата во тој момент во сончевиот систем... На крајот на краиштата, од нашето расположение. Од таму, како што ќе рече, ако тој голем универзум го преселиме на некое микро ниво, меѓу нас, меѓу луѓето, зошто тогаш „да не се запрашаме дали многу од нас луѓето не се мртви, а ние само ја гледаме нивната светлина што доаѓа до нас. Зошто тоа не би било реприза на нешто зададено и запишано некаде“.
„Значи главните теми на овој роман се феноменот на дежа ву, на повторување, на нешто веќе видено, на нешто што е исто, а никогаш не е исто. И на фатализмот во смисла на запишаност во ѕвездите дека нема случајности и дека сè ни се случува поради некоја причина“, вели тој.
Георгиевски знае да каже дека себе си никогаш не се гледал како автор, прозаист или пишувач на уметничка литература и дека веројатно оваа книга никогаш немало да го види светлото на денот, да биде сместена меѓу корици, ако не бил Темплум и неговиот конкурс со убава парична награда. Затоа имал 1001 причина да се пријави на конкурсот и да ја добие наградата.
„Не знам дали ова ќе биде некој нов почеток за мене и дали ќе продолжам да пишувам литература. Тоа сè зависи од „тезгите“ и хонорарите и како ќе бидат распоредени во идниот период“, вели тој.
Инаку, Ѕвездан Георгиевски е роден 1961 година во Јесенице, Република Словенија. Интердисциплинарни студии по новинарство завршил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1983 година. Работел во повеќе дневни и неделни весници. Еден е од основачите на првото приватно радио во Македонија „Канал 4“, како и на наградата „Роман на годината на Утрински весник“.