„Т2 Треинспотинг“ за громогласен почеток на регионалниот фестивал „PlayUK“

Т2 Треинспотинг

Скопје и уште пет градови во регионов, од 16 до 19 февруари, едновремено ќе бидат домаќини на првото издание на Меѓународниот фестивал на британски филм „PlayUK“. На манифестацијата премиерно ќе бидат прикажани десет нови остварувања на современите британски автори, а отворањето е предвидено да биде со „Т2 Треинспотинг“ на Дени Бојл, делото кое ги обединува оригиналните ликови на еден од највлијателните филмови од деведесеттите години на минатиот век.

На љубителите на седмата уметност од Скопје, Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана, од 16 до 19 февруари, едновремено ќе им се случи првото издание на Меѓународниот фестивал на британски филм „PlayUK“. На оваа новоиницирана манифестација премиерно ќе бидат прикажани 10 остварувања од современата островска продукција.

Отворањето е предвидено да биде со „Т2 Треинспотинг“ на режисерот Дени Бојл, делото кое ги обединува оригиналните ликови на еден од највлијателните филмови од деведесеттите години на минатиот век.

Продолжението на култниот филм наново се бави со веќе познатите ликови и нивните судбини. Рентон – ликот што го толкува Иан Мекгрегор, по цели две децении, се враќа во единственот место кое може да му биде дом – Шкотска. Таму го чекаат Сик Бој (Џони Ли Милер), Бегби (Роберт Карлајл) и Спад (Ивен Бремнер), чиј секојдневен живот навидум и не е многу сменет со некогашниот. Тука се и старите придружници – тагата, загубата, радоста, одмаздата, другарството, љубовта, копнежот, стравовите, каењето, дрогите, самодеструктивноста и така со ред.

На вториот ден од Фестивалот ќе бидат прикажани три филма. Најнапред ќе биде емитуван документарниот „Признание“ на Ашиш Гадијали во кој е претставено сведоштвото на Моазам Бег кој под сомнение дека е член на Ал Каеда бил апсен во Пакистан, Абганистан, Куба и Британија, но никогаш не бил осуден ниту осомничен. Следува „Боби Сендс:66 дена“ на Брендан Брдс, една интензивна и незаборавна приказна за мачеништвото и издигнувањето до меѓународен херој, а за крај е оставена акционата комедија „Слободна стрелба“ на Бен Витли.

В сабота, на 18 февруари, од 18 часот, најпрво публиката ќе ја види музичката драма „Градот Лондон“ на Дерик Борте во која е раскажана една социјална приказна низ ехото на пулсирачката панк сцена од крајот на 1970-те и каде бележито е присуството на еден од нејзините клучни ликови – Џо Страмер, пејачот на бунтовните КЛЕШ.

Потем следува „Уна“, деби филмот на режисерот Бенедикт Ендрјус (сниман според претставата „Кос“ на Дејвид Херовер), една емотивна сторија за девојка која тргнува во потрага по сопственото минато. Кругот ќе биде затворен со „Најдоброто од нив“ на Лоун Шерфиг, еден духовито-романтичен и трогателен портрет на млада жена во потрага по својот пат и својот глас во ужасите на војната и на пропагандните филмови.

Конечно, првото издание на „PlayUK“ ќе биде крунисано со документарецот „Белешки за слепилото“ на Пит Мидлтон и Џејмс Спини, една поетична и интимна приказна за загубата, преродувањето и трансформацијата, сведоштво за необичното патување на писателот и теолог Џон Хал во „светот на видот“. Следува комедијата „Вештините во светот на возрасните“ на Рејчел Танард и, како последен од десетте нови продукции, документарниот „Човекот од Мо-Вакс“ во кој авторот Метју Џонс ја раскажува впечатливата приказна за една од најенигматичните, но сепак највлијателни фигури во современата британска (суб)култура – диџејот и музички продуцент Џејмс Лавел.

Жарко Конески од Британскиот совет, кои заедно со Младинскиот културен центар од Скопје го потпишуваат првото издание на Фестивалот во Република Македонија, вели дека Фестивалот на нов британски филм нуди разнолика програма и филмови од различни жанрови. Дека тематски покрива повеќе нивоа.

„Бидејќи гледаме дека светот се соочува со брзи промени, а и политиката воспоставува нови односи на целава планета, нашата цел е да вклучиме филмови коишто ја слават човечката издржливост и способност да се најде решенија во тешките ситуации. Исто така Фестивалот зборува за филмот под влијанието на британската музика во овој дел од светот и затоа ќе прикажеме филмови коишто се фокусираат на музика, музички бендови, нивното наследство и влијание на нашите општества. Конечно „PlayUK“ го слави филмот како уметничка форма, медиум којшто е приспособлив на промените предводени од новите технологии“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека свеченото отворање на манифестацијата и премиерата на „Т2 Треинспотинг“ ќе бидат во киното „Милениум“, а потем целокупната програма се сели во кино-салите на МКЦ.