Во кратката изјава по вчерашните средби еврокомесарот Јоханес Хан не даде многу детали од разговорите со претставниците на партиите што освоија пратеници.
Секогаш сум оптимист ,рече Хан, нагласувајќи дека очигледно е оти е потребно уште време. Ќе треба уште да се преговара за доброто и интересите на државата, заради граѓаните, европската перспектива и да се фокусира на конкретна работа за иднината на земјата, порача еврокомесарот по предавањето на донацијата од ЕУ за МВР- 33 возила за граничната полиција.
„Се работи за квалитет не за брзина, тие треба да преговараат, да ја демонстрираат својата демократска зрелост, треба да имаат одлична програма основана на Пржинскиот договор и посветеност кон европската перспектива“рече Хан.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој во министерството за внатрешни работи пристигна по утринската средба со претседателот Ѓорге Иванов, кој, како што рече Хан, го поканил заедно да дојдат на предавањето на донацијата, но не кажа што му возвратил шефот на државата.
Од неговиот кабинет пак, известија дека на средбата Иванов истакнал дека надминувањето на политичката криза е од клучно значење за Македонија.
“Беше потенцирана неопходноста од што поскоро формирање на Влада на Република Македонија, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици“ се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Сите со услови за широка коалиција
Но, што поскорото формирање влада засега е неизвесно прашање. По вчерашните попладневни средби на Хан со лидерите на партиите кои траеја до доцна синоќа речиси сите презентираа различни ставови за текот на преговорите за мнозинство. Единствени што не ги повикаа телевизиските екипи за снимање инсерти и не дадоа изјави по средбата беа од ВМРО-ДПМНЕ чиј лидер Никола Груевски последен се сретна со комесарот.
Денеска партискиот портпарол Иво Котевски вели дека Хан ги изнесол своите размислувања, кои биле идентични со неговите јавно искажани ставови на вчерашаната прес-конференција, како и низ формата на препораките што претходно беа испраќани преку прес-конференциите на портпаролите на ЕУ, при што било нагласено дека ЕУ не сака да се меша во тоа кој со кого ќе коалицира и какви одлуки ќе донесат македонските партии во однос на креирањето коалиција и влада.
Хан, пак, вчера пред средбите со лидерите рече дека е важно новата влада да се формира солидна и широка основа. Употребувањето на терминот широка од претставниците на ЕУ во дел од јавноста се толкува и како порака за широката коалиција. Ваквата идеја засега целосно ја одби само ВМРО-ДПМНЕ нарекувајќи ја рецепт за неуспех. Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера по средбата со Хан рече дека тие сакаат да разговараат со сите и да имаат колку што е можно пошироко парламентарно мнозинство и поширока владина коалиција што е отворено за сите партии освен за ВМРО-ДПМНЕ. За Мендух Тачи од ДПА пак не е прифатливо да биде во влада со ДУИ, а за Беса и за Алијанса за Албанците можна е широка влада но без лица осомничени од СЈО во неа.
Без писмени материјали нема потпис
Мнозинството кое Заев се обидува да го собере исто така останува неизвесно. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со Хан рече дека чекаат „писмени материјали“ од СДСM за да свикаат состанок на централното претседателство.
„Без тоа нема потписи од ДУИ. Прво треба да видиме што пишува на тој лист, а потоа ќе се одлучи од страна на органите на ДУИ“, рече Ахмети.
Ова е процес на добивање на мандат, Ахмети не бараше ништо на писмено од Груевски за да влезе во преговори за влада, рече Заев.
„Немаме проблем со таа работа, правиме се што можеме за побрзо да ги собереме потписите за да добиеме мандат. Тоа значи дека допрва, потоа ќе влеземе во разговори за влада“ рече Заев.
Од Беса и од Алијансата за Албанците веќе се изјаснија дека ќе ги дадат потписите за Заев да го добие мандатот, а потоа во преговорите ќе видат дали ќе дојде до формирање влада. Рок за тоа до кога треба да се случи претседателот Иванов не даде.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5