Дневен печат - Преговорите за влада го чекаат Хан

Архивска фотографија: Претседателот на ДУИ Али Ахмети на средба со политичките лидери и еврокомесарот Јоханес Хан

Преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за формирање владино мнозинство и доаѓањето на еврокомесарот Јоханес Хан, се главна тема во дневните весници.

Дали СДСМ и ДУИ ќе објават некакви резултати од разговорите за обезбедување владино мнозинство за СДСМ да го исполни условот поставен од претседателот Иванов, по сè изгледа ќе се знае утре, откако доцна вечерва еврокомесарот Хан ќе се сретне со сите партиски лидери во Скопје, на маргините на енергетската конференција за Западен Балкан - вест што ја објавуваат сите печатени медиуми.

Утрински пишува дека во очекување на Хан, останува отворена и можноста еврокомесарот да предложи широка коалиција, со оглед на претходните заложби на Европската комисија за формирање влада со широка поддршка, со додавка дека постои впечаток дека ниту кај СДСМ ниту кај ВМРО-ДПМНЕ не постои моментно расположение повторно да партиципираат во заедничка влада.

Утрински објавува и друга информација, како преглед на ситуацијата околу формирањето владино мнозинство: „СДСМ се консултира, ДУИ анализира, ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори во ’пакет‘ со локалните“ и „Ако нема нови избори, ВМРО-ДПМНЕ најавува и подлабока криза со блокирање на институциите и масовни протести“.

Вечер и Дневник го објавуваат соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по средбата на Груевски со турската амбасадорка во земјава: „Не поради СЈО, туку поради Платформата не дојде до договор со ДУИ“. Дневник оди со наслов: „ДУИ ја ставила Платформата на маса пред Заев – прво целосна двојазичност, па влада“. Весникот уште додава дека „ДУИ нема да пресече пред да ги слушне размислувањата на еврокомесарот бидејќи, како што велат во партијата, каква и да е одлуката, интегративците нема да ја донесат пред да се консултираат со меѓународните пријатели – САД и ЕУ“, пишува весникот.

Печатените медиуми ја објавуваат и изјавата на неименуван функционер на Стејт департментот за Гласот на Америка, а по изјавата на конгресменот Дана Рорабакер, за кого Вечер пишува дека наводно бил познат албански лобист, дека Македонија не е држава и дека треба да се подели меѓу соседите: „САД го признаваат и поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија и оваа позиција не е променета“.

Ќе има ли нафтена криза во Македонија поради штрајкот на грчките земјоделци? Ако се слушаат изјавите од министерството за економија и од ОКТА – тоа немало да се случи. Утрински објави: дел од блокираните цистерни поминале преку Евзони, но дека шест цистерни и натаму се заглавени на граничниот премин. Весникот информира дека Сојузот на синдикатите и Стопанската комора испратиле писма до соодветните грчки институции да направат напор сообраќајот меѓу двете земји да се одвива непречено.

Како за крај, една пријатна вест што ја објавува Вечер, иако во насловот се објавени имињата само на македонските членови на репрезентацијата на земјава што ќе учествуваат на Светското првенство во скијање во Сент Мориц.Боите на Македонија во Сент Мориц ќе ги бранат: Антонио Ристевски, Лука Божиновски, Дардан Дехари, Воислав Синадиновски, Марјан Нашоку, Виктор Петков и Лидија Симјановска.