Ваши коментари- „некои од нас мислат со главите“

Седиштето на ВМРО ДПМНЕ

Интервјуто на американскиот републикански конгресмен Крис Смит за РСЕ, како и реакцијата на претседателот Ѓорѓе Иванов по обвинувањата од СДСМ за условен мандат и дали Македонија оди во руски прегратки со најмногу коментари од читателите.

Интервјуто на американскиот републикански конгресмен Крис Смит за РСЕ, дека свиркач од Македонија обезбедил информации дека амбасадата на САД во Скопје поддржувала крајно левичарски веб страници и невладини организации кои заземале страна на изборите и дека тоа требало да се истражи, го предизвикало Аџи Јанкула на нашата Фејсбук страница да коментира дека свиркачот дебело го платил и дека ќе треба да ги пријави парите и да плати данок „зашто тие се од македонските даночни обврзници... Батка, зборот ОДГОВОРНОСТ и за тебе треба да важи...

Александра Димитровска постирала: „Реформираното ВМРО падна на сите тестови... не покажа спремност за доверба, капацитет за промени и најмалку зрелост да се справи со актуелните сложени ситуации... време е да си го избере местото каде што ќе придонесе за промените: во влада, во опозиција, дома или во затвор“.

Следуваат голем број контра реакции на напишаното од Александра, со навредлив јазик и постови против нашево Радио, а Кирил-Кико Пејовски смета дека го откриле и кодошот: „Тоа да ти бил оној вечниот студент со американска невеста и хациенда во Бардовци, кој пред неколку години ги снимаше куќите на Водно. Ајде Аџиев, лустрирај кодоши!“

По реакцијата од кабинетот на претседателот Иванов со обвинувања против СДСМ по реакцијата на Партијата за неговото однесување во врска со не доделувањето на мандатот откако Груевски не успеа да обезбеди мнозинство за да формира влада, Игор Миленкоски коментирал: „Срамота, се однесува како политички противник... како портпарол на ДПМНЕ“, а Марија Петковска вели: „Па ние (јавноста) не сме сите глупи тупи овци... некои од нас сè уште мислат со главите... гледаме кој сака да манипулира“.

Следуваат повеќе постови и реплики за тоа дали Иванов е паметен или не, а Сашо Поптонев постирал: „Многу е паметен, не смее да му писне на Груевски“. И Дико реагира затоа што Иванов „не е претседател на целиот народ во Македонија... тој е претседател само на ВМРО-ДПМНЕ... сите го знаат тоа...“

Има голем број коментари на нашите фанови околу мислењето на дел од аналитичарите дека Груевски ја турка Македонија во руски прегратки. Пак се повторуваат нападите против РСЕ на македонски за наводна „пробриселска“ и „соросоидна“ политика, а Златко Бањаре Петрушевски напишал дека ја турка каде било па дури и во војна, „само подалеку од ИДРИЗОВО“. Абдул Кадир Етем коментирал: „Ако е последна шанса Русија, е тогаш ќе се пакуваме и ќе бегаме каде што ќе најдеме – ќе биде исто како Сирија...“