Струмичкиот театар со премиера на ибзеновата „Џон Габриел Боркман“

Џон Габриел Боркман, театарска претстава на Струмичкиот театар

На сцената на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, утре вечер ќе се случи македонската праизведба на драмата „Џон Габриел Боркман“ од Хенрик Ибзен, најпознатиот норвешки автор на сите времиња и еден од најпоставуваните драматичари на театарските сцени во светот. Претставата е во режија и адаптација на Горан Тренчовски.

По нецели две години од „Кабинетот на професор Тарана“, работен по култниот текст на Артур Адамов, Горан Тренчовски, како своја 16 претстава во струмичкиот театар „Антон Панов“, ја донесува драмата „Џон Габриел Боркман“ од норвешкиот класик Хенрик Ибзен.

Драмата која по прв пат се поставува на некоја од македонските театарски сцени е изведена пред точно 120 години и нејзиното инсценирање во современ контекст значи можност за истражување на чудесната поетика на Ибзен.

Боркман, средовечен човек и поранешен директор, кој преку финансиски малверзации го има изгубено целиот имот, како и заштедата на своите клиенти, е осуден, посрамен и осиромашен. По издржувањето на затворската казна, тој со години не излегува од дома, надевајќи се дека еден ден пак ќе започне со бизнисот. Џон и неговата сопруга Гунхилд останале во брак формално и единствена заедничка точка на нивните отуѓени животи е синот Ерхард. Семејната клаустофобија се разнишува со ненадејното доаѓање на Ела - сестра на Гунхилд, а некогашна љубов на Џон. Пресметката со минатото и сегашноста, како и судирот на интереси за неизвесната иднина испливуваат на површина токму вечерта кога Ела престојува кај Боркманови. Во низата од живописни машки и женски ликови и мноштвото драматични ситуации со силен емоционален наплив, оваа возбудлива претстава го следи подемот и падот на поединецот од новото време потонат во своите капиталистички амбиции.

Говорејќи за проектот режисерот ќе рече дека овозможува претставување на одредени осетливи граѓански, семејни и социјални состојби од сегашноста и таа на некој начин претставува огледало на тие состојби. Дополнува дека претставата има мошне актуелен призвук и дека е ставена во современ контекст што значи и приопштување на самиот Ибзен како еден од најмонументалните светски и воопшто автори на новото време кон денешното време и приближување на машко-женските емоционални напливи во суровата доба на капитализмот и посттранзицијата.

„Убеден сум дека направивме мошне конкретна, директна и цврста претстава која кореспондира и со денешните релации и со оние ситуации коишто самиот Ибзен ги има засегнато уште пред толку многу години. Публиката ќе има можност да види едно современо читање на класичен текст којшто е ставен во едно ново руво и во еден наш доста издржан концепт“, вели Тренчовски.

Тој дополнува дека смета оти на тој начин тие промовираат и еден нов израз и драмска поетика којашто во македонските театри беше запоставена во последниве десетина години.

Насловната улога во „Џон Габриел Боркман“ ја толкува искусниот Кољо Черкезов, а покрај него во претставата играат и Јулија Милкова како Гунхилд, Ванчо Василев бил задолжен за ликот на Ерхард, Анкица Бенинова е Фани Вилтон, Игор Тодоров - Вилхелм Фолдал, Надица Трајкова се појавува како Фрида, Стојан Стојанов како Собарот, а Јасмина Василева, гостинка од Кумановскиот театар, на сцена ја отелотворува некогашната боркманова љубовница Ела Рентхајм.

„Работата на Ибзен за мене претставуваше голем предизвик прво затоа што прв пат го работам. Второ затоа што е еден од ретките драмски писатели од тоа време што улогата на жената во општеството започнува да ја третира малку подлабоко. И наместо за ликови на жени во функција на мажот, на машкиот лик како главен, сепак пишува за жени, комплексни, полнокрвни, со свои и внатрешни и општествени борби“, ќе рече Василева.

Актерката потенцира дека универзалните проблеми од нерешените семејни односи и грешките од минатото кои ве прогонуваат секогаш во иднината е она што може да го направи Ибзен интересен за повторно реоткривање секогаш. Истакнува дека и не само Ибзен, туку и авторите од современата драматургија како Роналд Шимелфенинг со „Жена од минатото“, што е една од нејзините последни претстави што ги има работено во матичната куќа – Кумановскиот театар (режија Нела Витошевиќ), се занимава токму со овие комплексни прашања – грешките од минатото кои еден ден ви тропаат на врата и ви го растураат целото семејство.

Текстот го преведе Ленче Тосева, сценографијата е на Милена Пантелеева од Бугарија, костимографијата на Ванчо Василев, музиката на Марјан Неќак, а за дизајнот на плакатот (по мотиви на најпознатиот норвешки сликар и графичар Едвард Мунк) се погрижи Александар Филев.