Бузалковска – Нема проекти за тие што протестирале

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бузалковска – Нема проекти за учесниците на протестите

Кога ќе ја видите Годишната програма на Министерството за култура, јасно е дека недостасуваат некои имиња, а 90 отсто од тие луѓе ги гледав изминатите две години на протести, вели режисерката Зоја Бузалковска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Бузалковска, Годишната програма на Министерството за култура предизвика лавина реакции во јавноста. Они кои не се најдоа на оваа популарна листа ја нарекоа културен геноцид. И вашето име не е на листата. Од тука прашувам – Дали сметате дека има политика во списокот на наградените автори?

Секој од нас би можел да не добие проект. Тоа е сосема легитимна постапка на една комисија којашто оценува и проценува што е тоа со коешто се конкурира, каква е репертоарската политика и слично, меѓутоа некако се обидувам да се сетам како некогаш било низ годините, понапред. Порано ми се случуваше, откако е оваа гарнитура на власт, точно од тогаш најјасно, најексплицитно, доста долго време да не ме поканат, особено во театрите во Скопје, но кога ќе ме поканел одреден театар тогаш моите проекти секогаш поминуваа. Јас не знам на што се должи тоа, сега не сакам да зборувам за себе си. Сега се работи за претстава, текст кој нема политичка содржина, којшто е психолошка драма, којшто театарот изрази желба и волја да го работи тој текст со еден актерски тим од самата куќа главно. Сè што требаше да поднесам, е поднесено, така што не гледам причина зошто би бил одбиен еден таков проект. Кога ќе ја видите листата, сега да не звучи неправедно во однос на тоа кој поминал, кон не поминал, меѓутоа јасно е дека недостасуваат некои имиња коишто обично ги има, ги гледам во таа годишна програма во театарската дејност. Не некои, туку повеќето, 90 отсто од тие имиња, а кои што ги гледав изминатите две години на протести, на улиците, посебно оваа последна година, каде што работите се усложнија и некако јасно беше дека ќе дојдеме до оваа точка до којашто дојдовме.

Не е воопшто спорно дека политиката ги вмеша своите раце во културата. Зошто ниту една власт не успеа да воспостави црвени линија меѓу нив?

Не би рекла дека е секоја власт, мислам дека само работите сè повеќе и повеќе се усложнуваат и сè повеќе и повеќе се заострува тој судир. Се сеќавам повторно дека кога почнувавме немавме такво чувство, навистина, можеби постоеја некои кланови, некое допаѓање, некое фаворизирање на одредени луѓе во однос на други, меѓутоа тоа некако немаше никаква врска со политика. За после тоа работите да стануваа сè посложени и посложени и на крајот на краиштата знаете како, човек губи концентрација во времето и просторот, се работи за десет години, тоа е една цела кариера, еден цел живот, мислам. Има млади луѓе коишто велат – откако почнав, јас живеам во ова да работам, не знам како е да се функционира поинаку. И во таа смисла нешто најпогубно се разбира. До пред некоја година, некаде 2014, имав чувство дека работите малку се нормализираа, дека некои луѓе добија простор да работат, а го немаа претходно, се појавија некои имиња коишто ги немаше претходно во театрите во Скопје, добив и јас простор, некако имав чувство дека работите станаа понормални, дека политиката ја тргна шепата до театарот, сега јас можам да зборувам само и најмногу за театарот. Но, ми се чини дека не било никогаш полошо одошто денес, одошто сега, значи во меѓувреме конфликтот многу се заостри и ова што се случува во последните неколку месеци, овие прозивки, овие пишувања, набројувања на луѓе коишто не смеат да добијат проект, кои не смее министерката, екс-министерката да ги награди со буџетски пари, сето тоа стана многу страшно и мислам дека она што само може да се случи е нови и нови реваншизми потоа. Од тоа најмногу се плашам всушност.

Има ли механизми да се бориме против тоа? Зошто се доведовме до вакво дереџе?

Се бориме. Тоа е тоа што го правиме. Јас сум сигурна дека и во оваа ситуација, видете, ова што сега се случува во овој момент за мене е многу важно и многу добар сигнал дека она што го правевме во изминатата година-две е навистина многу важно, дека она што порано беше некоја игра којашто не може до крај да се дефинира сега стана многу сериозна работа, малку стана од играчка-плачка, ама плачка повеќе за овие другите, за другата страна, па сега почнаа прозивањата и сега одеднаш сфаќам дека стана многу важно кој е тој што ќе работи или нема да работи, дури и во театар и во која било од уметничките дејности. И во таа смисла сметам дека - да, ги поместуваме нештата, се разбира воопшто не е лесно да се сруши една диктатура, воопшто не е лесно да се справиш со власт од фашистички формат, тоа е јасно, бидејќи сме го кажале 100 пати, не е ништо посебно ново и драматично, но во секој случај јасно е дека работите се поместуваат, на крајот на краиштата и бројките кажаа нешто многу ново и многу различно и самата сметам дека ништо не било залудно.

Целото интервју со режисерката Зоја Бузалковска може да го погледнете на видео-снимката на почетокот на овој текст.