Бојкот на настава во руинираното училиште во Лажани

Основното училиште „Мирче Ацев“ во село Лажани, Општина Долнени.

Нема санитарни јазли, не е варосано со години, подовите и ѕидовите се руинирани, инсталацијата е стара, па затоа нема услови за настава во основното училиште во Лажани и родителите решиле да не ги пуштаат своите деца во школо.

Околу 270 ученици од основното училиште „Мирче Ацев“ во село Лажани, долненско, од почетокот на неделава не следат настава. Нивните родители се одлучиле децата да ја бојкотираат наставата, затоа што се исплашени за здравјето и животот на децата. Велат ризично е натаму да се учи во објектот којшто е целосно руиниран, а санитарните јазли се во ужасна состојба.

„Хигиената е никаква и не може да се одржува хигиена во вакви услови, во ваква руинирана зграда. Она е катастрофа, од подови, ѕидови, училиштето осум години не е варосано. Не сакаме да одиме до Санитарна инспекција, затоа што знаеме дека 100 проценти училиштето ќе биде затворено за месец дена. Нема ни санитарни јазли, ни фискултурна сала како што треба“, реагира Мирсад Колашинац, претседател на Советот на родители.

Тој додава дека е ова е повторен обид на Советот на родители да се решат дел проблеми во училиштето. Тие реагирале и на почетокот на ноември, но тврдат дека градоначалникот на Општина Долнени не ги исполнил ветувањата.

Се обидовме да го контактираме и директорот на училиштето, Даут Љаиќ, но тој ја исклучи телефонската линија.

Градоначалникот Боше Милошевски потврдува дека училишниот објект не е во добра кондиција. Тој најави дека ќе се сретне со родителите и дека ќе преземе мерки за решавање на проблемот.

„Локалната самоуправа ангажираше фирми да направат анализа, да видиме колку средства се потреби за санација на критичните проблеми во училишната зграда, подовите и електричната инсталација. Со средства од Министерството за образование, но и со нашите можности, секако ќе се интервенира и со средства од локалната самоуправа“,ветува градоначалникот Боше Милошевски.

Советот на родители на учениците од основното училиште во Лажани стои категорично на ставот дека, бојкотот на наставата овој пат ќе трае додека не се реши проблемот.

И не само во селото Лажани, жителите на Општината велат дека скоро сите 22 објекти на основните централни и подрачни училишта се во незавидна состојба. Реагираат затоа што во 21 век децата следат настава во тешки услови. Градоначалникот Милошевски, пак, вели дека за време на неговиот мандат преземени се делумни мерки за санација на училиштата во гимназијата во Житоше, во Кошино, Дреновци, Сарандиново, Секирци и Браилово.