Во Општините Дебар и Центар Жупа продолжува со нагласена динамика миграцијата на младите во земјите на ЕУ и САД. И во двете општини од година во година сè поголем број на младата популација која патува во еден правец особено кон Италија, Швајцарија, Австрија, Германија и земјите на Бенелукс и Скандинавија, но и САД, а според институциите во Дебар токму оваа појава има влијание и врз зголемувањето на бројот на разводите.
„Во текот на 2016 година евидентирани се 51 предмети за развод. Оваа бројка во споредба со една година понапред односно 2015 година не е многу голема, бидејќи во таа година предметите примени за бракоразводи беа 47, но ако минатогодишните разводи се споредат со 2011 година бројката е двојно поголема. Имено во 2011 година беа регистрирани вкупно 24 разводи, што фактички бројот на предметите за развод во 2016 година е повеќе од двојно поголем. Разводите од година во година се зголемуваат“, вели вршителот на должноста претседател на Основниот суд во Дебар, Илир Исени.
Тој нагласува дека најголемиот број на разводи во двете општини е поради одвоениот живот на младите брачни парови.
„Предметите за развод, во најголем број се на млади од Дебар и Центар Жупа кои се на работа во странство, односно на печалба таму. Станува збор за млади брачни парови кои по кратко време поднесуваат барања за развод. Треба да се нагласи дека можни се и фиктивни бракоразводи, но тие тешко се откриваат, бидејки нема можност тоа да се докаже. Сепак сметам дека станува збор за разводи меѓу млади, по нивна желба“, додава Исени.
Според податоците на локалните власти во Општината Дебар над 60 отсто од младото население е иселено или пак е на печалба, додека слична е состојбата и во руралната општината Центар Жупа, каде што младото население над 65 отсто е надвор од нашава земја. Во меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Дебар оценуваат дека состојбата е загрижувачка.