Експертите во Македонија не очекуваат промени во политиката на новиот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација во однос на Македонија и регионот.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски очекува пофлексибилна политика на Вашингтон кон Москва, но не предвидува разлики во однос на досегашната американска политика кон земјава.
„Некакви поголеми промени во скоро време тешко дека може да се очекуваат. Мислам дека односот на Балканот во целина и американскиот интерес да продолжи да доминира и да прави што сака тука ќе продолжи, а евентуални тактички промени можат да следат во некаков подолгорчен период, ако Трамп успее да го спроведе она што го најави дека отсега Америка нема да руши влади во други земји“, изјави Никовски.
Потезите на новата американска администрација мора да се анализираат на долг рок и не може да се знае однапред каква ќе биде таа политика, вели универзитетскиот професор Беким Кадриу. Тој истакнува дека политиката на една држава не ја креира само претседателот, туку цела структура околу него.
„Можат да се забележат некои законитости од досегашните изјавите на Трамп. Но, мислам дека таквите изјави ќе се променат во меѓувреме и дека претседателот Трамп ќе има добра обука, за тоа како треба да се однесува како претседател на Соединетите Држави“, изјави Кадриу.
Тој е убеден дека нема да има промени во однос на американската политика во регионот и земјава.
„Политиката на САД кон Македонија била постојано иста без разлика дали претседател бил републиканец или демократ. Таа политика се однесува на интеграција на РМ во НАТО, интеграција во ЕУ, почитување на човековите слободи и права и очекувам истата таква политика да продолжи и натаму“, заклучува Кадриу.
Сепак упатените не исклучуваат дека можните промени во однос на надворешната политика на Балканот ќе зависат и од односите исток-запад и новата „студена војна“ меѓу САД и Русија. Само во тој случај Македонија би можела да биде предмет на некакво однесување на помоќните држави во меѓународните односи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5