Различниот однос кон невладиниот сектор кои го имаат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ може да биде и една од темите отворена во разговорите за идна коалиција, оценуваат дел аналитичари. По различните ставови за продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство и делумното несогласување за употребата на албанскиот јазик, двете партии поинакви позиции имаат и за односот кон невладините организации, пред се финансирани од Џорџ Сорос.
Според Малинка Ристевска Јорданова од Институот за европска политика во моментов се случува заплашување бидејќи ВМРО-ДПМНЕ оценила дека е потребно, како што вели, удар кон еден старо - нов непријател. Но да не бидеме наивни, додава таа, дека ова нема да значи и некои реални чекори, потсетувајќи на инспекциите во декември во повеќе невладини организации.
„Ова може да биде една од пречките за формирање владина коалиција. Не прва, не втора, туку може да биде трета или четврта пречка за создавање влада“ вели Ристевска-Јорданова.
ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно испраќа соопштенија во кои Сорос го нарекува „најголем душман на независното новинарство“ и „гробар на т.н. граѓански сектор“. ДУИ пак се поумерени. Велат дека невладините треба да имаат можност слободно да работат и дека истото се однесува и на Фондацијата Отворено општество (Сорос), а државните органи треба и ќе реагираат само доколку постојат сомневања за изворите на финансирање.
Коалицирање меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во оваа фаза се чини речиси невозможно затоа што се разликуваат за многу работи, вели аналитичарот Алајдин Демири.
„Во однос на коалицирањето прашањето за односот кон невладините организации мислам дека не може да биде пречка затоа што и така тие имаат многу пречки, тргнувајќи од прашањето за името, зачленувањето во НАТО и во Европската унија итн, така што ова прашање останува за внатрешна употреба и за сопствени цели на ВМРО-ДПМНЕ“ вели Демири.
Партијата на Груевски веќе извесен период јавно се конфронтира со невладините финансирани од Џорџ Сорос, но засилените напади почнаа откако партискиот претседател на 17 декември пред Државната изборна комисија најави десоросоизација. Потоа месецов ВМРО-ДПМНЕ почна со испраќање соопштенија во кои наведува дека „народот одлучил: процесот на десоросоизација отпочнува“ а речиси секое завршува со пораката Македонија мора да оди напред и процесот на десоросоизација е еден од чекорите за излез од кризата.