Прилепскиот најистакнат активист на Шарената револуција, Жарко Стеваноски, ќе биде суден во Основниот суд во Прилеп во вкупно шест одвоени судски постапки, за графитот „Че си лежите“. Прилепската полиција против него поднела уште две нови прекршочни пријави, за сторен наводен прекршок по член 191 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, иако една од судските постапки на почетокот на годинава финишираше со ослободителна пресуда.
„Изјавата која што ја даде во оваа постапка заменик командирот на униформираните полициски службеници, неспорно произлезе дека протестите се одржувале на идентичен начин, дека сообраќајницата пред општинската зграда во Прилеп била блокирана за време на одржување на протестите, преку неа не се одвивал никаков сообраќај. А, со тоа се потврди фактот дека во конкретниот случај, дека за време на одржување на протестите сите денови во Прилеп, сообраќајот не можел да биде загрозен на ниту еден начин“, вели Стеваноски.
Тој е адвокат по професија и смета дека ослободителна е всушност неизбежна пресуда, зашто практично не го направил прекршокот што му се става на товар.
„Кои прекршоци ми беа ставени на товар, затоа што за време на Шарената револуција во Прилеп, пред коловозот на општинската зграда напишав „Че си лежите“. Како што наговестував од самиот почеток ова е само потврда дека Министерството за внатрешни работи потпаднало под притисокот на локалните власти, за да врши притисок врз учесниците на Шарената револуција и единствениот исход којшто можеше да се очекува е ослободителна пресуда“, истакнува Стеваноски.
Како што вели, не само заменик командирот, туку и сите учесници во Шарената револуција и сите граѓани очевидци знаеја дека за време на протестите кои се одржаа под силно полициско обезбедување, улиците каде се протестираше беа забранети за сообраќај.
Тој најави жалба на ослободителната пресуда, зашто вели не биле пресметани адвокатските трошоци. Овој пат средствата ќе имаат друга намена.
„Ќе вложиме жалба до Апелациониот суд во Битола и по нивно правилно определување, средствата ќе ги искористиме за утврдување на реалната штета врз општинската зграда за време на протестите и на таков начин ќе покажеме дека изјавите кои што ги даваат локалните власти се лажни, невистинати, напумпани со цел да се предизвика револт кај граѓаните од одржаните протести“, најавува Стеваноски.
Како граѓански активист и адвокат тој поднесе четири кривични пријави против локални функционери меѓу нив и против градоначалникот Марјан Ристески. Основното јавно обвинителство ги одби трите. А, една од кривичните пријави во тек е судско вештачење.