Коментарите на Џејмс Матис и Мајк Помпео кои од Трамп се предложени за шефови на Пентагон и на ЦИА се во спротивност од посмирувачката реторика спрема Москва на избраниот претседател за време на неговата кампања и по изборите на 8 ноември.
Двајцата, кои одвоено зборуваа на сведочењата во Сенатот, ја карактеризираа Русија како агресивен актер.
Затоа, како што изјавија, таа мора да се соочи со порешителен американски отпор на меѓународната сцена.
66-годишниот Матис, кој е пензиониран генерал на морнаричката пешадија, оцени дека рускиот претседател Владимир Путин сака распад на НАТО и оти Вашингтон мора да се конфронтира против руското однесување.
„Мислам дека (Америка) е под најголем напад од Втората светска војна господине, и тоа од Русија, од терористички групи и од она што Кина го прави во Јужното Кинеско Море“, рече тој.
Матис пред сенаторите додаде дека не е против соработката со Москва, но оти Соединетите Држави мора да останат будни на руските намери.
Тој силно го поддржа НАТО, оценувајќи дека Алијансата е од централно значење за американската одбрана.
Со исти оценки за однесувањето на Русија излезе и кандидатот за шеф на ЦИА Мајк Помпео.
Тој во ресорниот сенатски комитет изјави дека ова биле најкомплицираните заканувачки околности што Соединетите Држави ги имаат видено во поновата историја:
„Русија се потврди со агресивната инвазија врз Украина и се заканува на Европа и ништо не прави за да помогне во уништувањето и пораз на ИД“, рече тој.
Во своето сведочење Помпео цврсто ги поддржа заклучоците на американските разузнавачки служби за руската инволвираност во сајбер нападите за време на претседателската кампања.
Тој притоа рече дека станува збор за „агресивна акција преземена од највиското раководство во Русија“.
Москва постојано демантира дека била вклучена во хакирањето на мејловите на Демократската партија и на други политички организации и личности во САД.