На последниот работен ден оваа година, денеска беше конституиран деветиот парламентарен состав во самостојна Македонија. Со 114 гласови за и ниту еден против или воздржан, беше верификуван мандатот на сите 120 новоизбрани пратеници. Претходно, исто така без против и воздржани беше формирана Верификационата комисија која заклучи дека нема пречки да бидат верификувани мандатите на сите 120 пратеници. За претседател на Комисијата беше избран пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, а за членови Петре Шилегов од СДСМ, Реџаил Исмаили од ДУИ, Фадил Зендели од Движењето Беса и Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците.
Со конститутивната седница претседаваше досегашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој за заменици претседавачи ги именува пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани. Оливер Спасовски од СДСМ имаше процедурална забелешка зошто седницата ја води Вељаноски, а не како претходно, највозрасниот пратеник.
„Се повикувате на промена на Деловникот, промената е направена во 2008 година, значи ниту во 2011, ниту во 2014 година. Ако ги погледнете стенограмските белешки ниту во 2011 година, ниту во 2014 година, не сте претседавале со седницата, туку претседавал највозрасниот пратеник. Веднаш е симтоматично зошто тоа го правите, зошто воведувате нови пракси, нови стандарди во парламентарната демократија, а воведувањето на преседани не е страно за ВМРО ДПМНЕ и за вас лично“, рече Спасовски.
Вељаноски одговори дека така е предвидено во Деловникот за работа на Собранието.
„Вчера разговаравме на работна средба. Секако има разлика меѓу праксата и Деловникот, и јас мислам дека Деловникот преовладува во примената“, рече Вељаноски.
Пред верификацијата на мандатите за збор се јави пратеникот Зеќирија Ибрахими од Движењето Беса, кој се пожали зошто извештајот на Верификационата комисија не е изготвен и на албански јазик и побара да не биде верификуван мандатот на Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас сум загрижен што денеска во Народното собрание станува пратеник и некој којшто од Хашкиот суд беше осуден за злосторства кон албанските цивили во 2001 година. Навистина жалам. Иако е сосема случајно што тие убиени беа мои соселани од селото Љуботен, сепак апелирам до ова Собрание да не го верификува мандатот на овој пратеник“, рече Ибрахими.
Вељаноски одговори дека извештајот е преведен и на албански јазик, како и дека мандатите се верификуваат ако нема законски пречки, а не дали пратениците некому му се допаѓаат.
„Треба ние да кажеме деловнички и законски пречки дали некому да се верификува или не мандатот, а не дали вам ви се допаѓа или не ви се допаѓа да му се верификува мандатот на некој друг. Да бидеме коректни, значи ние овде работиме по нормите, согласно Уставот, законот и деловникот“, рече Вељаноски.
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговори дека изборната кампања заврши и оти Собранието има одговорност пред граѓаните да работи конструктивно.
На седницата присуствуваа 118 од 120 новоизбрани пратеници. Лидерите на двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, присуствуваа на седницата, на која не дојде Мендух Тачи, кој по изборите си поднесе оставка на лидерската позиција во ДПА, како и неговиот сопартиец Бардуљ Махмути. Иако поканет, на конститутивната седница не присуствуваше ниту претседателот Ѓорге Иванов.
На премиерот Емил Димитриев и на министрите кои беа избрани за пратеници им престанува мандатот, но заради обезбедување континуитет, владата останува на должност до изборот на нова влада.
На дневен ред на денешната седница беше и точката за избор на Комисија за прашања на изборите и именување на Собранието, како и точката за избор на претседател на парламентот. Но седницата беше прекината и овие две точки ќе бидат разгледувани дополнително, а за терминот на седницата собраниските служби дополнително ќе информираат.
Во овој парламентарен состав Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 51 мандат, коалицијата предводена од СДСМ 49 мандати, ДУИ 10, Беса 5, Алијанса на Албанците 3 и ДПА 2.