Сите очи вперени кон Теарце

Избори 2016

Прегласувањето во Теарце в недела, кое може да го смени изборниот резултат, е главна тема во сите дневни весници.

Се ближи ден недела, а во пресрет на неделното единствено прегласување на изборите во земјава, Утрински насловува „Очите вперени кон ’славното Теарце‘“. Новинар од Утрински од разговорите со тамошните жители го забележува нивното мислење дека „Повторното изјаснување ќе биде своевидно ’око соколово‘ – ’механизмот‘ кој ќе покаже дали едно избирачко ливче за време на гласањето на 11 декември излетало од еден од кочаните во ’аут‘, и потоа влегло во вагоните на ’бугарскиот воз‘“.

И за Нова Македонија „Селото Теарце е политичка топ-дестинација“, а за Вечер, „Преку Теарце, СДСМ сака да влезе на Илинденска“, и ги повторува познатите тези дека „Нема веќе сомнежи дека СДСМ и Заев со поддршка на странски фактор спроведува кражба на легитимни избори“.

Во друга статија, Вечер пишува: „И во случај да се прегласува во Теарце, шансите на СДСМ се само теоретски“.

За Вечер, исто така, „Пресудата на Управен е незаконска“, при што потсетува на ставот на ВМРО-ДПМНЕ од партискиот Проглас дека „Партијата нема да учествува на прегласувањето и нема да ги признае резултатите“.

Слободен печат, информирајќи за обраќањето на Груевски, полно со говор на омраза, пред насобраната толпа поддржувачи и членови на неговата партија ноќта кога ДИК решаваше по приговорите на СДСМ и на БЕСА, излезе со наслов: „Ќосиња, на здравје бричење – Никола Груевски пред ДИК прогласи почеток на крајот на неговиот режим“.

Уште неколку наслови во Слободен печат ја одразуваат атмосферата пред ДИК: „Груевски во војна со светот“, па „Долги ножеви, кратка памет“ и тн.

И Утрински и Нова Македонија реагираат на засилената појава на говор на омраза, особено изразен по изборите кај првите функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кој се пренесе и на социјалните мрежи, главно по партиската припадност на активните на тие мрежи: „Дека тој говор се игнорира покажува податокот дека во 2015 година не е покрената ниту една постапка за говор на омраза врз основа на дела опфатени со кривичниот закон, ниту е поднесена претставка до институцијата народен правобранител“ - пишува Утрински. Нова Македонија пренесува дека во Јавното обвинителство ја следеле состојбата и дека ќе отвореле случаи каде што ќе утврделе дека има основа.

Во најновите изданија на Вечер и Дневник особено е популарен поранешен дипломатски чиновник во британската амбасада во Бања Лука и во Скопје, Тимоти Лес, кој во една своја колумна предвидува „Расцеп на Македонија“, а Вечер додава: „Сценарио спроведено со надворешна и внатрешна помош“. Дневник објавува: „Првин федерализација, па присоединување на Западна Македонија кон Албанија е шокантната визија на Тимоти Лес за ’Дисфункција на Балканот‘ каде што отворено се залага за прекројување на границите на целиот Балкански Полуостров“.

Утрински, пак, пренесува анализа на британскиот Сандеј тајмс, весник кој важи за добро информиран од разузнавачките извори, каде што се загатнува постоењето на некаков руски шпионски центар меѓу границите на Македонија, Црна Гора, Србија и Косово и во која Македонија е ставена во центарот на идното светско жариште и дел од територијата на новата студена војна. И тука се спомнува мислењето на Тимоти Лес но со сосема поинаков израз: „Македонското патување од релативно стабилна западноориентирана мултиетничка демократија во заробена полуавтократија е графички тестамент за неуспехот на ЕУ проектот“.

И додека прогнозите за државава не се баш најохрабрувачки, народов сака да ја слави Новата година со петарди, а полицијата никаде ја нема: Нова Македонија оди со наслов: „Пазарите преплавени со пиротехника, низ Скопје татни од истрели“.

А и информацијата од Институтот за јавно здравје што ја објавува Утрински не е за потценување: „Нашите тинејџери пијат двојно повеќе ’Дијазепам‘ од врсниците во Европа“.