Формирањето на идната влада ќе биде голем предизвик

Кој ќе го добие мандатот да формира влада во случај на еднаков број пратенички мандати, е само една од дилемите. Но дури и да нема промени, формирањето на нова влада ќе биде голем предизвик.

Македонија ќе се соочи со нови предизвици и покомплицирани ситуации доколку неделното прегласување на гласачкото место во Теарце го промени соодносот на силите во парламентот. Помалку или повеќе предвидливи се сценаријата доколку резултатите останат исти, односно 51 пратеник за ВМРО-ДПМНЕ и 49 за СДСМ, но евентуалното израмнување на соодносот на пратенички мандати отвара повеќе дилеми околу тоа кој ќе биде мандатар и каков ќе биде составот на идната влада, анализираат политиколозите.

„Според законските прописи, оној кој ќе го добие мнозинството, го добива мандатот за формирање влада. Но, во случај кога никој нема мнозинство, тогаш претседателот мандатот му го дава на оној кој може да покаже дека може да обезбеди мнозинство, а мнозинство се обезбедува во соработка со другите партии“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Без разлика на изборните резултати, по прегласувањето во недела, Муслиу не се сомнева дека претседателот Ѓорге Иванов мандатот за формирање на нова Влада ќе му го додели на ВМРО-ДПМНЕ. Но дури и да остане ист соодносот како и сега, Муслиу вели дека кај ДУИ има тенденција да се повика уште една албанска партија во новата влада, со цел да не биде тесно мнозинството и да се обезбеди Бадинтеровиот принцип. Сепак, составувањето на новата влада и можните комбинаторики, според него, претставуваат дополнителен поттик на политичката елита да ја научи културата на компромис и договорање.

„Земајќи го предвид и составот на новиот парламент, верувам дека ќе мораат тој процес да го направат потранспарентен. Затоа што ги видовме резултатите на изборите, го видовме одговорот и реакцијата на гласачите така што мислам дека овојпат ако не другите, барем албанските партии ќе бидат приморани на поголема транспарентност во процесот“, изјави Муслиу.

Ако соодносот на пратенички мандати биде изедначен по неделното прегласување, универзитетскиот професор Темелко Ристески очекува мандатот за состав на влада да и биде доделен на опозицијата.

„Ако резултатот е 50:50 претседателот треба да води сметка за волјата на мнозинството на граѓаните, кои на овие избори се изјаснија за промени. Наша несреќа е што не коалицираа сите заедно, туку се формираа неколку блокови, од кои некои не добија пратенички мандати. Требаше да се обединат сите и тогаш ќе беше очигледна волјата на граѓаните за подобар живот, а вака се создадоа услови за манипулација“, изјави Ристески.

Според него, можно е да се задржи и старата коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ доколку соодносот на пратенички мандати остане непроменет, но во тој случај тој предупредува на можните ризици: нестабилна влада, незадоволство кај граѓаните, лоша социјално-економска состојба, низок животен стандард и низа други несакани ефекти.