Убиен рускиот амбасадор во Турција

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Убиен рускиот амбасадор во Анкара

Рускиот амбасадор во Турција Андреј Карлов е застрелан во Анкара за време на изложба на која говорел претставувајќи фотографии на турски уметници во Русија. Карлов починал по половина час откако бил ранет.

Вооружен напаѓач облечен во костум и вратоврска го застрела рускиот амбасадор во Турција, додека тој одржуваше говор во уметничка галерија во Анкара.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пред новинарите во Москва изјави дека амбасадорот Андреј Карлов починал кратко време по повредата и изјави дека Москва тоа го смета за терористички чин. Турските медиуми јавија дека три други лица се повредени, како и дека турската полиција го уби напаѓачот.

„Сметаме дека ова е терористички акт“, изјави Захарова.

„Тероризмот нема да победи и решително ќе се бориме против тоа“, рече таа.

Карлов зборуваше во Центарот за современа уметност, на отворањето на изложбата на турски фотографии од Русија.

На видео снимката снимена од публиката се гледа како човек облечен во костум и вратоврска мавта со пиштол и извикува прво на арапски, а потоа и на турски јазик.

„Алаху акбар! Ние сме оние кои му ветија на Мухамед дека ќе водат џихад. Алаху акбер! Ова е за Алепо. Ова е за Сирија“, рече тој на арапски.

„Алаху акбар“ е исламски фраза која значи „Господ е голем“.

Според официјалната биографија, Kaрлов е роден во 1954 година, во дипломатијата е од 1976 година, а станал главен дипломат на Москва во Турција во јули 2013 година.

Нападот се случи еден ден пред состанокот на министрите за одбрана и за надворешни работи на Русија, Турција и Иран во Москва за да разговараат за конфликтот во Сирија.

Од септември 2015 година, Русија ја води воздушната кампања во Сирија, обидувајќи се да го зајакне режимот на претседателот Башар ал-Асад и да порази огромен број бунтовнички групи кои сакаат да ја соборат владата на Асад.

Иран, кој има пријателски односи со Русија, исто така, го поддржа Асад, но турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со сомнеж гледа на руската воздушна кампања во Сирија.

Портпаролот на Кремљ во Москва изјави дека претседателот Владимир Путин бил информиран за нападот.

Во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби, изјави дека САД го осуди инцидентот.