Јосифов – Станав пријател со огнот!

„Continuum“ е насловена самостојната изложба на мултимедијалниот уметник Игор Јосифов што на 14 декември, во 20 часот, ќе биде отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. На неа тој, во пресрет на постановката во „Defibrillator Performance Art Gallery“ во Чикаго, премиерно ќе претстави и дела кои се резултат на десетгодишното истражување, размислување и можностите што огнот како алатка за трансформација ги овозможува во уметничките перформанси.

По четири години од неговата прва самостојна изложба во татковината, „Селектирани дела 2007 – 2012“ во Музејoт на современа уметност во Скопје, светски познатиот македонски мултимедијален уметник Игор Јосифов, еве го повторно дома. По трет пат. Овојпат со „Continuum“, проект што се обистинува во Младинскиот културен центар во Скопје и во кој се собрани неговите творби на хартија, платно, инсталации и уметнички филмови, дела кои се резултат на десетгодишното истражување, размислување и можностите што огнот како алатка за трансформација ги овозможува во уметничките перформанси.

„Низ годиниве наназад станав пријател со огнот. Тој ме следи на сите мои истражувања и резиденции по светот. Посегајќи по неговата моќ произлегоа многу дела и филмови кои, на некој начин, го прославуваат процесот на играта на огнот и потребата за трансформација. И самата техника на неговото користење некако ми стана како медитација“, вели Јосифов.

Игор Јосифов.

Тој дополнува дека огнот за него има хиптонитизирачка моќ. Дека самата историја, значењето на огнот, неговото користење во најразлични прилики нему му биле фасцинантни.

„Работата, играта со огнот, во некоја рака, ми дава и подобра идеја за себе. Каде сум јас во животот и огнот по себе. Исто како што огнот тлее инспирацијата е сè поголема и поголема. Наедно многу сум задоволен и од процесот на креација. Еве сега посегам и кон стаклото, кон земјата, кон глината...кои патем се поврзани со огнот во еден различен процес, но сите тие, апк, ти даваат друга идеја. За времето на пример“, истакнува уметникот.

Инаку „Continuum“, како зафат, е директно инспириран од мултимедијален проект „Untie“, кој годинава беше претставен на Интернационалниот уметнички фестивал што се одржа во Сан Франциско, во САД.

Хана Регев, која била кураторка на „Дада сега и овде“, во чии рамки бил промовиран , во рецензијата за делото на Јосифов пишува дека тој, всушност, во него „поставува егзистенцијално прашање за слободата и балансот“.

„Со „Untie“, уметникот ги евоцира многуте битки и прикажува една континуирана линија од дадаистичките почетоци, до прославата на стогодишнината на „Дада тука и сега“, која оддава почит на раните дадаистички пионери кои се бунтуваа против опресивната уметничка крутост, во уметност и во секојдневното општество. „Untie“ е моќен симбол на принципот на јадрото кое се дели од страна на уметници и граѓани кои ja окупираат глобалната сцена“, констатира Регев.

Но, интересно е тоа што Јосифов од тогаш оди еден чекор понапред, претставувајќи во МКЦ премиерно и неколку нови дела кои потем ќе се најдат на претстојната постановка во „Defibrillator Performance Art Gallery“ во Чикаго, кадешто ќе биде заокружена неговата уметничка целина.

Згора на тоа, со мисла што посликовито да и го претстави на публиката својот актуелен творечки немир, Јосифов подготви и проекција на некои од своите филмови што е планирано да се одржи веднаш по отворањето на изложбата, во 21.30 часот, во кино „Фросина“.

Во контекст на ова тој истакнува дека „огнената рефлексија е актуелен процес на неговото патување за себе-истражувањето и слобода низ проектите како „Manumission“, „Taming Fire“, „Burning Words“, „Wit-ness“ и „2-dimensional“.

„За мене најважен е креативниот процес. Него ми е важно да го споделам уште од моментот кога сите тие филмови почнавме да ги снимаме на најразлични места и со најразлични идеи. Сакам едноставно публиката да ја види магичноста на тој процес забележана на филмска лента“, ќе рече уметникот.

Колку некому и да биде чудно, Игор Јосифов, за жал, е повеќе респектиран како творец на американската и светската арт-сцена отколку на домашната. Ова, подразбира дека со своите триесеттина години тој и неговата уметност се особено внимание пречекувани центрите на уметноста како Њујорк, Чикаго, Сан Франциско, Париз, Дубаи....

Во еден период од својот артистички живот бил соработник на култната Марина Абрамовиќ, а светската публика го познава и по неговиот контроверзен перформанс „Дводимензионално“ (изведен во престижната галерија „Абронс арт-центар“) и по другите мултимедијални проекти со кои се залага за ослободување на духот преку уметноста.

Во земјата досега учествувал и на неколку групни постановки, а во 2011 година за „Изгубени тела“ ја доби единствената награда на Биеналето на млади уметници на Музеј за современа уметност.

„Како минуваат годините се повеќе и повеќе ми станува јасно дека исклучително важни се корените и затоа најискрено мене ми е огромна чест и задоволство кога ми се отвораат прилики да го претставам она што интензивно сум го правел во светот во изминатите години овде кај нас и секогаш сум задоволен од приемот на домашната публика“, заклучува Јосифов.