Потрагите на Пандора и Сашо Саздовски на изложба во Куманово

Сашо Саздовски и Пандора Апостолоска - Саздовска

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, од 9 до 20 декември, ќе бидат претставени новите творечки промисли на двојката Пандора Апостолоска - Саздовска и Сашо Саздовски. Уметницата со инсталацијата „Игра на стравот“ говори за тоа колку војната и насилството влијаат врз децата, траумите што тие ги преживуваат, а нејзиниот сопруг и скулптор, со проектот „Објекти“, на виделина го вади истражувањето во кое ги комбинира каменот како природен материјал со плексигласот како вештачки добиен производ.

Само во годинава што полека замира, творбите на Пандора Апостолоска – Саздовска и Сашо Саздовски, беа претставени на постановки во Малезија, Тунис, Азербејџан, Романија, Италија и Индија. Уметниците имаа самостојна изложба и во берлинскиот Прима центар каде на тамошната културна јавност и ги понудија инсталацијата „Изгубен“ и збирката скулптури „Разлики“, а во средината на тековниот месец еве ги на домашната ликовна сцена – во Куманово. И тоа со нови дела како што впрочем е и нивна уметничка практика. Уметницата со инсталацијата „Игра на стравот“ („Fear game“) говори за тоа колку војната и насилството влијаат врз децата, траумите што тие ги преживуваат, а нејзиниот сопруг и скулптор, со проектот „Објекти“, на виделина го вади истражувањето во кое ги комбинира каменот како природен материјал со плексигласот како вештачки добиен производ. Но, да тргнеме со ред.

Во текстот насловен „На местото на злосторството“ историчарот на уметност Златко Теодосиевски пишува дека „ многумина кои не ја следат во континуитет, констатацијата дека уметноста на Пандора Апостолоска Саздовска денес е посебна и безмалу единствена на актуелната македонска уметничка сцена може да им прозвучи пресилна. Но, не е – вели тој. Не е бидејќи во денешниот македонски жабурник наречен современа македонска уметност, особено она што се презентира низ изложбените простори, тешко може да е подведе под поимот уметност, а уште помалку современа. Зашто, што би било современо во преџвакувањето на едни те исти „идеи“ и „концепти“ во континуитет од неколку децении, или некакво потпросечно и во основа провинциско копирање на актуелни светски трендови?

И, потоа Теодосиевски дополнува дека токму и „затоа импонираат самосвеста, смелоста и сериозноста на пристапот на Пандора во конфронтацијата со актуелните глобални и локални искушенија односно нивната трансформација во емпатија и потоа преточени во визуелна сензација. Велам конфронтација бидејќи македонскиот уметник, генерално, одбегнува соочувања со светот надвор. Смета дека му е побезбедно затворањето во исказот, во внатрешниот свет на артифициелното, каде што, по правило, спокојството е гарантирано. Пандора, напротив, отворено, со полна свест но и совест му приоѓа на актуелниот проблем, без оглед дали станува збор за климатските промени, мигрантската криза или, како сега - локалниот кумановски „инцидент“. И, се разбира, неа не ја интересира (ре)интерпретацијата туку (со)чувството, не импресиите од реалното туку импресиите / експресиите на душата, сето тоа искажано на рамништето на личниот вокабулар на знаците, симболите, сеќавањата, играта на зборовите, потенцира тој.

Апостоловска Саздовска, која подолго време ја истражува состојбата со децата жртви на војната, говорејќи за својата инсталација „Игра на стравот“ вели дека не случајно одбрала првично да ја претстави токму во Куманово. Дополнува дека станува збор за детско игралиште и дека употребува игри коишто ги користат денешниве деца. Притоа нив ги врзува со игрите од сопственото детство, со времето кога се случи конфликтот во Тетово.

„Секогаш во моите инсталации вметнувам дел од личните сеќавања во една таква психолошка состојба, така да игрите коишто јас сум ги играла во детството сега тука ги преформулирам во моменталната инсталација што ја прикажувам во Куманово. Користам бетон којшто е цврст материјал и ја означува статичноста на играта.Значи состојба каде што не може да се помрднат објектите коишто се наоѓаат во просторот. Мојата идеја е а создадам еден психолошки момент на детска игра во таква“, вели Пандора.

Од друга страна, продолжувајќи ги потрагите зачнати со циклусот „Разлики“, Сашо Саздовски во проектот „Објекти“ (скулптури и цртежи) се фокусира на „конфронтирањето на енергиите“ на каменот како природен материјал со плексигласот како вештачки добиен производ.

Во таа насока, како што пишува Златко Теодосиевски, „ Сашо вешто ги контролира енергиите на материјалите, на нивните допири и разминувања, рационално ја калкулира ритмиката на (со)односите и спротивставувањата, „гради“ единство на различности при што вешто игра (и) со фокалната точка на соединувањето/„судирот“. Впрочем, и тоа е резултат на неговото мајсторство и искуството на галериската скулптура да и’ дозволи (и) ваков шарм и некогаш потенцирана, па и претенциозна „наметливост“ и „разиграност“, за разлика од, на пример, неговите импресивни монументални дела во кои што преовладува поинаков пристап“.

„Природата има начин како да се справи со природните материјали. Но таа денес има голем проблем како да се справи со вештачките материјали коишто ние во последно време ги форсираме. И сега тука, во мојата скулптура, јас на некој ликовен начин се обидувам да го дадам тој судир помеѓу тие природни и вештачки материјали кои се таложат на нашата планета. Значи, јас им давам некаков мој уметнички мотив како тоа би изгледало во некаква си“, објаснува Саздовски.

Инаку, во писанието за неговата пројавност, откако ќе заклучи дека во „денешната македонска скулптура, распната помеѓу (апсурдните) државни интервенции и нарачки и сè помалиот број скулптори подготвени на авторски ризик, е (веќе) прилично релативен, дури тешко објаснив поим“, Теодосиевски ќе забележи дека „за среќа има и скулптори кои во континуитет и понатаму агилно истражуваат, вложувајќи се целосно и безрезервно во својата уметност и кои со право можеме да ги издвоиме како современи репрезенти на оваа уметничка дисциплина кај нас“. „И во таков контекст скулпторското творештво на Сашо Саздовски е еден од тие примери, особено и заради фактот што неговите дела по правило импонираат со јасна мисла, техничка перфекција и апсолвиран „класичен“ третман на скулптурата во најдобрата смисла на овој поим“ – пишува рецензентот.

Кон ова само уште информацијата дека Пандора и Сашо Саздовски се единствените уметници од Македонија кои самостојно два пати изложувале во Абу Даби, во Обединетите арапски емирати. Што е уште поинтересно тие своите контакти ќе ги искористат, во јануари наредната 2017 година, да го потпишат Македонскиот месец на уметноста во тамошната метропола, во чии рамки ќе се претстават заедно со скулпторот Атанас Атанасовски и графичарот Милан Андов, а проектот којшто подразбира 30-дневен творечки престој и чиј куратор е Апостоловска Саздовска има за цел за прв пат да го промовира и афирмира нашето ликовно творештво во тој дел од светот.