Библиотеките исчезнуваат, се зголемуваат дата-базите со електронски записи, книгата ја води војната за опстанок со чиповите на податоци. Среде овие процеси, графичката уметност, можеби малку и потценета во ова модерно време, создава нови колекции на брилијантни мали стории за читачите, библиофилите, колекционерите.
Ова ќе го забележи уметницата Дијана Томиќ Радевска во своето послание во пресрет на отварањето на Третата меѓународна изложба Екс либрис, што од 6 до 20 декември, се одржува во Музеј на град Скопје.
Таа потсетува дека уметноста на изразувањето во вака мали димензии, А5 формат - графики коишто на своето клише, односно на матрицата на која што се отпечатува, мора да го имаат интегрирано текстот „екс либрис“ и името на институцијата или личноста на која што е посветено , изискува вештина и внимание, исто како и создавањето на големи формати. Дека со оваа уникатна постановка, графиката не само што ја одржува позицијата на различните типично графички дисциплини кои се чинеше дека полека исчезнуваат, туку „благодарение на ентузијазмот и на професионалноста на уметниците, кои се верни и чесни кон својата професија, всушност добиваме уште една нова колекција за почит“.
„Се надеваме дека со оваа Меѓународна биенална изложба ќе помогнеме да се ревитализира графичката сцена кај нас и дека се повеќе млади домашни автори ќе се активираат, бидејќи пред сè една од целите на Екс либрис Скопје е младите автори да се инспирираат и поттикнат да ја работат графиката. Се обидуваме да привлечеме што поголем број на автори од сите страни на светот односно да го донесеме она што е актуелно во моментот на светската графичка сцена. Од тие причини во пропозициите пишува дека во селекција влегуваат само дела изработени во последните две години – значи помеѓу двете изданија на Биеналето“, вели Соња Димовска, уметницата која е најдиректно врзана со идејата за Екс либрис и организацијата на трите изданија на манифестацијата.
Инаку, константното жири во кое се Димовска, Атанас Ботев и Кристијан Санев и во кое, во случајов, се најде и Дијана Томиќ Радевска, годинава додели три награди. Првата му припадна на Линг – Шиенг Чанг од Тајван за делото „Екс Либрис на Вен Хаи – Тао“ изработено во техниката гравура на дрво од 2016 година.
Роден 1974 година, Шиен Чанг е тајвански графичар кој во моментов живее и работи во Тајпеи. Специјалност му се минијатурни графики во традиционалната техника гравура на дрво. Неговите дела биле изложувани и наградувани на бројни значајни графички изложби во светот, а на Екс либрис – Скопје ова му е прво учество.
Второпласиран е Зденек Буган од Словачка со делото „Екс Либрис К.Родел“, изработено во комбинирана техника која вклучува бакропис, сува игла, акватинта и мецотинта од 2015 година. Станува збор за минијатурно дело со прекрасно комплексна употреба на сите овие традиционални графички техники. Буган (1957) е автор со импозантна биографија во областа на графиката, посебно кај екс либрисите и учесник е на сите досегашни изданија на манифестацијата.
Конечно, добитник на третата награда е Лукаш Цивицки од Полска. Тој е автор на делото „Екс Либрис Павел Делекта“ изработено оваа година во техниката линорез. Четириесет двогодишниот Цивицки студирал сликарство, графика и скулптура на академијата за фини уметности во Познан. Како автор бил учесник и добитник на значајни награди на голем број графички изложби насекаде низ светот, а во Скопје е присутен на две од трите Екс либрис постановки.
Од друга страна, веќе е извесно дека трудот на потписниците на овој проект конечно е препознаен од институциите. Така по двете успешни изданија на Биеналето во Отвореното графичко студио, новата (многу побогата) збирка се најде во изложбените салони на Музеј на град Скопје. Помогнато беше и печатењето на каталогот, но тоа нималку не значи дека се создадени благопријатни услови за натамошно организирање на манифестацијата.
„За ваков еден потфат, навистина е потфат, потребни се многу финансии. Досега со финансиите многу потешко одеше. Сега имавме некоја поддршка од град Скопје, во однос на просторот и каталогот, но сепак ни требаат многу повеќе средства како би можеле да го реализираме овој проект. Да може да стане уште поголем, бидејќи навистина е интерес. Впрочем, тоа најсликовито го покажуваат реакциите на уметниците од странство. Сите тие се најнапред се изненадени од фактот што кај нас постои една ваква изложба, што досега не било случај иако имало одредени напори, а потоа и од нивото на организациската поставеност и напорите што ние ги вложуваме“, истакнува Димовска.
Таа, како и сите други нејзини колеги и сомисленици, е убедена дека со Екс либрис како уникатна биенална постановка на графики „минијатури“, градот и воопшто Република Македонија високо се позиционираат на мапата на европските и светските културни случувања.