Во говорот за контратероризмот, Барак Обама оцени дека и покрај тоа што неговата администрација ја обезглави терористичката мрежа Ал Каеда и ја направи, како што рече, „сенка од она што некогаш била“ и ги натера на дефанзива милитантите на Исламската држава, тероризмот ќе остане закана за Соединетите Држави и во наредните години.
„Значи, наместо да нудат лажни ветувања дека ние можеме да го елиминираме тероризмот со фрлање повеќе бомби или со распоредување повеќе војници или пак со заградување од остатокот од светот, ние мора да имаме подолготраен поглед на терористичката закана и да спроведуваме паметна стратегија, која може да се одржи“, рече тој.
Обама оцени дека терористите на преставуваат „егзистенцијална закана“ за Соединетите Држави, но бидејќи милитантите се инфилтрирале во многу земји надвор од Блискиот Исток и добиваат симпамтии на Запад, битката против нив најверојатно нема да заврши со јасно дефинирана победа.
За време на изборната кампања Трамп тврдеше дека Обама и демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон биле соосновачи на милитантната група Исламска држава, обвинувајќи ги за тоа што оставиле вакуум простор откако американските сили се повлекоа од Ирак во 2013 година.
Трамп досега на обелодени како мисли да се справи со екстремистичките групи, но првичните знаци покажуваат дека ќе има повоинствен пристап со оглед на тоа што во тимот за национална безбедност одбра тврдокорни генерали и советници.
Обама во говорот во воената база на Флорида изјави дека е важно придржувањето до американските закони и вредности и да не се користат заканите од терористички напади како оправдување за злоупотреби и верски тестови на имигрантите.
„Сета цел на овие терористи е да не исплашат за да се смениме ние и нашата демократија“, рече тој.
Обама оцени дека пристапот на неговата администрација да им даде поддршка на локалните партнери и да не се преземаат масовни инвазии бил ефикасен и придонесол во поразот на Ал Каеда и во враќањето на територијата во Ирак што претходно ја имала ИД.
Од друга страна критичарите меѓу нив и Трамп велат дека не успеа пристапот на Обама во Сирија каде што прикриената американска поддршка на неколку бунтовнички групи ниту го отстрани режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, ниту значително ги запре милитантите на ИД во таа земја.