Беќири – Повторувањето го убива жарот на креацијата

Ликовниот уметник Нехат Беќири.

„Скршената насмевка“ е асловен мултимедијалниот проект на ликовниот уметник Нехат Беќири, што од 5 до 17 декември, ќе се одвива во Изложбениот салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар во Скопје. Станува збор за творечка постановка во чиј фокус на интересирање се мигрантите.

По половина година од претставувањето на делата од актуелниот циклус „Слатко здробување“ во Дубаи (метафора на „слатката корупција“), уметникот Нехат Беќири еве го со мултимедијалниот проект „Скршената насмевка“ во продажниот и во Изложбениот салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар во Скопје. Постановката се состои од перформанс, видео, инсталација, скулптура и една слика. Сите нив ги поврзува една круцијална нитка – емиграцијата. Бегалците од економски или воени причини. Како лајт-мотив авторот ги зел актуелните случувања во светот во последниве две три години – бегалците и воопшто страдањата на луѓето на различните меридијани.

Од таму, Беќири не случајно ќе рече дека ако барем не може да помогне, тогаш несомнено треба да каже дека е на страната на човекот – страдалник.

„Животот на некој начин е физички закон – акција и реакција. Што ќе примиш тоа ќе рефлектираш. Не можеш да бидеш имун на секојдневното живеење. Човекот е социјално битие и мора барем малку социјално да се однесува. Не може да ги затвори очите пред случувањата што се одвиваат. Понекогаш тоа може да биде локално, понекогаш глобално“, вели тој.

Роден во Тетово 1967 година, Нехат Беќири дипломирал и магистрирал на Факултетот на ликовна уметност во Приштина, отсек сликарство, во класата на професор Муслим Мулиќи.
Самостојно почнал да изложува во 1992 година во Кафе галерија „Доорс“ во родниот град и оттогаш зад себе има 38 самостојни претставувања во земјава и во странство, од кои посебно бележити се оние во Париз, Истанбул и во Њујорк.

За своето творештво добитник е на повеќе државни и меѓународни награди, а моментално работи како професор на Државниот универзитет во Тетово.

Успешен во повеќе медиуми, Беќири првенствено себе си се доживува како сликар, иако, како што на шега вели, „неговото име Нехат на староперсиски значи вајар“.

„Јас сум сликар и во сè се однесувам како сликар. И кога вајам и кога што било сакам да направам јас настапувам како сликар. Дури после дадената идеја ја адаптирам на медиумот во којшто сакам да ја изработам. Мора секој некоја појдовна точка да си има – кај мене е сликарството“, вели тој.

Говорејќи, пак, за дострелите уметникот истакнува дека за него „успех е да ја работи најдобро работата што ја сака“. Да не му здодее да наоѓа во себе нови димензии и нови можности за творење. За пат во непознатото.

„Условно речено човек никогаш не може да се реализира. Секој ден е нов ден, така што не би сакал однапред премногу да си давам некои агенди и затоа работам упорно и редовно. Со текот на годините, на некој начин, човек треба повеќе да мисли отколку да работи. Тенденцијата ми е секогаш кај себе да најдам нешто иновативно. Не сакам да се повторувам. Повторување го убива жарот на креацијата“, вели тој.

Инаку, во дослух со ваквите размисли, Нехат Беќири и не милува да говори за своите идни исчекори во уметноста. Истакнува дека би сакал во периодов што следува малку да здивне. Да си даде простор за акумулација на новите идеи. Од таму, потенцира дека во наредниве неколку месеци може единствено да се случат претставувањата на варијациите на „Скршената насмевка“, а како што потсетува „ги има неколку во план“, и тоа само во градовите низ Македонија или евентуално во земјите од регионов.