Зошто е важно информирано да се гласа?

Марија Павлеска, Институт за истражување и општествени иновации - Импакт и дел од тимот на Изборен компас Македонија

Демократија е кога народот одлучува, ама народот мора да понесе одговорост за своите одлуки дури и кога со нив зазема неутрален став, пишува Марија Павлеска од Институтот за истражување и општествени иновации - Импакт и е дел од тимот на Изборен компас Македонија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Изборите се на прагот, но одлуката за кого да се даде гласот никогаш стопроцентно не е предвреме подготвена. И со право. Изминативе години гласаме дури и пречесто, но наместо промени и подобрувања секојденевно се будиме во посива реалност. Политиката кај нас е иста како воздухот, загадена и претешка за вдишување. Филтри скоро да нема. Па додека главните загадувачи целосно изградија монопол над она што политички се вдишува, оние кои во целото „лудило“ ризикуваат правејќи еко-политички герила акции се прогласуваат за одметници.

Уште бев малечка кога на гласање се одеше со избирачка легитимација на која се ставаше мало печатче. Ќе ја држев во раце цел изборен ден броејќи ги печатчињата, само накратко враќајќи ја додека да гласа некој од родителите, за после пак да ја земам и одново да ги пребројувам сите се на се три-четири печатчиња низ годините додека оваа легитимација не ја заменија со спреј. Таа детска радост беше креација на убавите приказни за демократијата и за тоа колку секој еден глас е значаен. Демократија е кога се слуша гласот на народот. Така ни кажуваа, а ние верувавме.

Тие приказни доведоа избирањето за кого ќе се даде својот глас на избори да го разбирам како давање во доверба на нешто што си го градел цел живот со надеж дека тоа нема да биде злоупотребено. Но, довербата за да се даде мора да биде заслужена.

Дополнителна спрега секако на нашата демократија е неохрабрувањето на мислење со своја глава, суптилно и агресивно наметнување мислења и целосна поддршка за ланчаното арбитрарно одлучување. Кога некој ќе ми каже дека гласа за некоја политичка партија само затоа што за неа гласало семејството или пријателите откако знае за себе ми се превртува утробата. „Политика не ме интересира“ е вториот изговор, третиот не го памтам зошто тука сум веќе револтирана. Да, демократија е кога народот одлучува, ама народот мора да понесе одговорост за своите одлуки дури и кога со нив зазема неутрален став.

Во оваа изборна трка има единаесет партии (меѓу кои и неколку коалиции) и читањето на сите тие програми, земајќи во предвид дека стана модерно програмата да има опус на руски класик, а сите партии ги објавуваат токму пред започнување на кампањата создава невозможна мисија во толку краток период се да се прочита и спореди меѓу понудените избори. Но што една партија застапува/се залага е и надвор од програмата, т.е кажано е во различни интервјуа, колумни и изјави за медиуми.

Тогаш како еден (млад) гласач може да знае која политичка партија е најблиску? Која политичка партија што нуди и за што се залага? Колку неговите лични ставови се блиски или далечни со партиските ставови за токму на таа партија да и го довери својот глас или барем да биде доволно објективно информиран за ставовите на партиите на важните прашања? Под важни прашања ги подразбираме социо-економските, прашањата за човекови права и секогаш актуелната миграција и секако прашања за домашната и надворешната политика на земјата.

Така дојдовме до идеја да креираме алатка за престојните парламентарни избори во која ќе ги вклучиме сите партии учесници во изборите, преку нивно одговарање на 30 важни прашања. Алатката се вика Изборен компас Македонија и официјално беше пуштена во употреба на денот на започнување на изборната кампања, 21-ви ноември.

Што е Изборен компас?

Изборен компас 2016 Македонија е бесплатна онлајн апликација која им нуди можност на избирачите да ги споредат своите ставови со оние на партиите кои се учесници на изборите. Идејата зад ваквата алатка е да им овозможи на граѓаните да ја споредат сопствената позиционираност со позиционираноста на партиите кои делуваат на политичката сцена. Врз основа на одговорите на корисниците на серија искази по истакнати прашања, Компасот ја пресметува позицијата на корисникот на политичката сцена, како и позицијата на корисникот во однос на позициите на партиите кои учествуваат на изборите.

Преку одговарање на серија од 30 искази со „потполно се согласувам“, „се согласувам“, „ниту се согласувам, ниту не се согласувам“, „не се согласувам“, „воопшто не се согласувам“ или „немам мислење“, компасот ќе ве праша за вашиот став околу кратењето на буџетски трошоци, до ставот за екстерно, миграција, абортус, религија и влез во ЕУ.

Токму од градацијата на вашите одговори меѓу „потполно согласување“ до „потполно не согласување“ со одредени ставови на партиите, компасот ќе ве позиционира на политичката мапа. Дали тоа значи дека ви кажува за кого да гласате? Категорично не. Алатката едноставно Ви покажува каде Вашите лични ставови се поставени на политичката сцена и покажува кои партии се блиски, а кои далечни во однос на политичките ставови.

Она што го има за цел Изборниот компас да му обезбеди на македонскиот електорат објективен и транспарентен преглед на политичката сцена.

Креирањето на Изборен компас е обид на приближување на позициите на партиите до гласачите преку една демократска дигитална алатка на македонскиот електорат и потребата таа да отвори прашања за здраво разумна дебата и да ги прошири видиците и зајакне критериумите во донесувањето на гласачките одлуки.

Провери ја алатката, потоа селектирај важни теми и рекалкулирај, провери позиции по исказ, па тестирај се и уште еднаш. Информираниот избор е најдобар избор и еден од најважните начини за создавање на функционална демократија.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.