Освен големите проекти кои планираат да ги спроведат партиите доколку победат на изборите и ја добијат довербата на граѓаните во нивните програми може да се забележат и мали „креативни идеи“. Тие не се болдирани, не е ставен акцентот врз нив, но се наоѓаат на листата на партиските планови, бидејќи некој донел одлука дека се доволно важни. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ испишана на 516 страници, на СДСМ на двојно помалку односно 264.
ВМРО-ДПМНЕ на пример со цел да ја збогати туристичката програма ќе изгради голф терени во Зелениково и Дојран, во градинките, пак, децата ќе одгледуваат овошје и зеленчук, МВР ќе користи дронови при извршување на полициските работи, а граѓаните ќе имаат можност и да тренираат со специјалните единици.
СДСМ пак ќе воведе социјална дебитна картичка со која ќе се докажува дека некој е корисник на услугата, ќе изгради населби специјално за пензионери, ќе има правобранител за сè и сешто од кредитен, енергетски до воен правобранител, а ќе го надминеле и деценискиот проблем со злоупотреба и суровост врз коњите во урбани средини.
Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки вели дека и покрај тоа што политичките партии имаат обемни програми за што повеќе граѓани да се пронајдат во нив, сепак тоа не игра клучна улога.
„Лично сметам дека многу мал дел од електоратот од гласачкото тело ги чита тие програми. Тие повеќе ги пишуваат од популистички карактер за да се претстават пред јавноста дека имаат обемна програма во која што се е точно испланирано и со одредени рокови. Така што мислам дека ефектот кај граѓаните за тоа која каква програма има особено на овие избори кои ќе се одвиваат на 11 декември не игра некоја голема улога“, смета Гаџовски.
Тој додава дека на гласачите не овие избори нема да им биде важна ниту идеологијата на политичките партии.
„Овие избори повеќе ќе се одвиваат во насока на тоа дали граѓаните сакаат да живеат во Македонија во која живееја во изминатите 10 години или сакаат тоа да го променат. Мислам дека тука дури ни идеологијата нема некоја голема улога, како што нема голема улога ни програмата на политичките партиите“, истакнува Гаџовски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
За разлика од македонските, албанските најголеми политички партии со далеку помали изборни програми кои не се достапни на македонски јазик. Програмата на владејачката ДУИ е на 116 страници, а на опозициската ДПА, воопшто не е ни достапна на нивната веб страница, туку на граѓаните им нудат само 12 точки на кои ќе работат.