Осомничени и осудени на листи за пратеници

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Осомничени и обвинети кандидати за пратеници

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е осомничен во случајот ТНТ и обвинет за поттикнување насилството при протестите пред општина Центар. Првиот човек на СДСМ Зоран Заев е обвинет во случаите Поткуп и Пуч. На листите има и кандидати кои одлежале затвор.

Гласачите во четвртата изборна единица на 11 декември покрај тоа што ќе имаат можност да заокружат за лидерите на двете најголеми партии, ќе гласаат и за две обвинети лица.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е во два случаи на Специјалното јавно обвинителство. Во првиот познат како ТНТ, поранешниот премиер е осомничен како нарачател на уривањето на објектот Космос кој е во сопственост на бизнисменот и политичар Фијат Цаноски. Вториот случај за кој е обвинет Груевски е за поттикнување на насилството при протестите пред општина Центар во 2013 година.

„Овие бандити ќе бидат судени од независно судство. И не само што ќе бидат судени, ветив, на Триумфалната капија во Скопје, ќе ставам бројчаник, којшто ќе врти кога ќе ги вратиме сите украдени пари. На секој милион, бројчаникот ќе заврти“, повикува Заев од предизборните каравани на СДСМ и коалицијата.

Против него, пак, во моментов се водат два судски случаи. Во случајот Пуч лидерот на СДСМ е обвинет за насилство спрема претставници на највисоките државни органи а во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица примил мито од 200 илјади евра за приватизација на земјиште.

„Говорат за корупција, а не можат да се одглават од тендери и перење општински пари по принципот едно ваму едно таму“, порачува Груевски зборувајќи пред своите поддржувачи.

Во изборната единица еден на листата на ВМРО-ДПМНЕ е и министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска која во случајот Тендери за извршување работи на Музејот на ВМРО на СЈО е првоосомничена.

На листата на ВМРО-ДПМНЕ има дури и хашки осуденик. Јохан Тарчуловски, кој беше осум години во затвор поради воени злосторства сторени во скопското село Љуботен за време на конфликтот во 2001 година, е на листата во втората изборна единица.

Меѓу предложените кандидати од владејачката коалиција е и Амди Бајрам, кој пред повеќе од десет години беше во затвор поради малверзации во текстилната фабрика Македонка, но набрзо по излегувањето стана пратеник.

На листите има и луѓе за кои се водат судски процеси за учество во протестите против одлуката за аболиција што во април ја донесе претседателот на државата Ѓорге Иванов. Петти во изборната единица еден на листата на СДСМ и коалицијата е Павле Богоевски од Шарената револуција. Тој се товари за учество во толпа која нанела материјална штета на фасадата на Министерството за култура за време на протестите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Осомничени на изборни листи

И двајца од листата на Левица се осомничени за истите протести. Носителот во петата изборна единица Здравко Савески е обвинет за демолирање на канцеларијата на претседателот Иванов,а за истото се води процес и за неговиот сопартиец Мариглен Демири кој е втор во изборната единица еден.

Ексразузнавачот Слободан Богоески беше во затвор една година и седум месеци за финансиски малверзации поврзани со купување имот кај базенот Карпош, а во моментов лидерот на ДУИ Али Ахмети и Муса Џафери го тужат за клевета во случајот „Маѓар Телеком“ .

Првиот човек на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски кој е носител на коалицијата ВМРО за Македонија во петатта изборна единица излезе од затвор во јуни, по пет години поминати таму поради за незаконско финансирање на изборната кампања.

Според Законот за избор на пратеници право да се кандидира има секој кој наполнил 18 години, има деловна способност и не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.