Класифицираните докази препрека за СЈО

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Првото обвинение на СЈО се „сопна“ на УБК

Основниот суд Скопје 1 му наложи на Специјалното јавно обвинителство да набави дозвола од Управата за безбедност и контраразузнавање за употреба на доказите кои оттаму се прибавени. Денеска во судот се одвиваше подготвително рочиште на кое обвинителите и одбраната дебатираа за употребата на доказите, од кои дел носат назнака класифицирани информации. Следното рочиште е закажано за 17 јануари.

Во тензична атмосфера со правно надмудрување помина првото подготвително рочиште за обвинението на Специјалното јавно обвинителство за уништување на документацијата поврзана со системите со кои незаконски се прислушувало во Управата за безбедност и контраразузнавање. За прв пат на обвинителна клупа седна поранешниот началник на петтата управа Горан Грујевски. Зад него седеа и останатите петмина обвинети кои се дел од комисијата која одлучила да се изврши уништувањето на документите. Отсутна беше само една од обвинетите седуммина во овој предмет.

Судијката Лидија Петровска му наложи на Специјалното јавно обвинителство да побара дозвола од Управата за безбедност и контраразузнавање за да може да ги користи во судскиот процес прибавените докази, односно да се направи декласификација на дел од нив за судска употреба.

„Зошто не повикавте, кога веќе имате заземено став, што бараме тука?“, праша обвинителка Ленче Ристоска во судницата, кога судијката Петровска најави дека ќе им наложи да бараат од УБК дозвола за судска употреба на доказите кои веќе ги прибавиле од управата.

Одбраната побара да бидат и санкционирани обвинителите затоа што, според нив, го нарушувале редот и мирот во судницата, опишувајќи го нивното однесување како театар што го прават на нивните прес-конференции. Во одреден момент одбраната ја бодреше и судијката со зборовите „Така е бе судија, не сте должни да ги учите како да постапуваат“, кога обвинителите, цитирајќи делови од законски одредби, тврдеа дека со тоа што веќе ги имаат прибавено доказите од Управата, истите може да се употребат во судскиот процес и нема потреба од дополнителна дозвола.

Обвинителката Ленче Ристоска изјави дека доказите кои се всушност службена документација на УБК и дека нема никаква пречка класифицираните докази да бидат изведени во судската постапка.

„Ние се обидовме да го појасниме нашето становиште на судот дека за таквите докази не постои пречка да бидат изведени во натамошната постапка, се раководевме и од досегашната пракса на судот и исклучиво посочивме на тоа, дека не му е на судот непознато да постапува по класифицирани информации, особено што законот такво нешто не забранува, туку дозволува“, изјави таа.

Адвокатот на одбраната Никола Додевски бараше од Судот да ги отфрли тие докази, додавајќи дека тие се незаконски прибавени.

„Всушност, изгубивме еден цел ден во судница заради корекцијата на процедуралните грешки кои ги направило Специјалното јавно обвинителство, кои што беа очигледни и кои што всушност не можам да објаснам зошто се направени така. Тоа се толку очигледни правни ситуации, навистина нема оправдување за тоа“, изјави Додевски.

Тимот на Катица Јанева ваквите тврдења во судницата ги посочи како неосновани, затоа што доказите се прибавени од создавачот на информацијата, односно од Упрвата за безбедност и контраразузнавање.

Додевски во судницата посочи дека постои и законска можност на обвинителите да им бидат одземени сертификатите за класифицирани информации, нешто што обвинителот Трајче Пеливанов го толкуваше како повик да се стори тоа.

Ристоска посочи дека одлуката на судот за овој процес ќе значи кратко одложување.

„Се надевам дека ќе го надминеме ова недоразбирање со Судот. И со ваквата одлука на судот се доведуваат во прашање сите оние предмети во кои имало класифицирани информации и судот постапувал по класифицирани информации кои не биле декласифицирани со степен за употреба во судска постапка“, изјави Ристоска.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски смета дека одлуката на судот со која се обврзува СЈО да набави дозвола од УБК за користење на доказите во судска постапка е последен обид за опструкција.

„Непоимливо е да се бара одобрение од некој орган кој е инволвиран во кривичната постапка, каде што се утврдува кривицата за носителите на функцијата во тој орган, и крајно да се бара мислење од тој орган кој што навистина ги пречекорил сите овластувања за пратење и следење на лица, со ваквите одлуки продолжува опструкција на СЈО“, вели Трпеновски.

Според обвинението, првообвинетиот Грујевски незаконски формирал комисија за ништење на службена документација и заедно со шесте членови на комисијата уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат за системите за следење на комуникациите. Според доказите на СЈО, првообвинетиот издал усна наредба за формирање на Комисија за попис и годишно ништење на материјали, а целта била уништување на списите поврзани со работата на системите за следење на комуникациите, покрај уништувањето на самите системи, што е дел од посебна истрага на СЈО наречена Тврдина.

Судењето по првиот обвиннителен акт подготвен од СЈО го води судијката Лидија Петровска, за која СЈО бараше изземање поради нејзиното спомнување во таканаречените „бомби“ коишто минатата година ги објавуваше лидерот на опозицијата Зоран Заев. Кривичниот суд го одби барањето на СЈО со образложение дека нема околности што предизвикуваат сомневање за нејзината непристрасност. Таа не им дозволи на медиумите да снимат инсерти на почетокот на рочиштето иако за тоа имаа дозвола од Врховниот суд, почитувајќи ја желбата на обвинетите кои не сакаа да бидат снимени. Главната расправа за овој случај е одложена за 17 јануари, идната година. Судијката најави дека голем дел од рочиштата ќе бидат затворени за јавноста.