Поголема контрола и плус пет евра за влез во ЕУ

Табла со која се означува името на селото Шенген во Луксембург, 27 јануари 2016 година Шенгенскиот договор со цел да се елиминираат внатрешните граници беше потпишан на 14 јуни 1985 година во ова село. Договорот тогаш го потпишаа Белгија, Франција, Германија, Луксембург и Холандија.

Поволностите од визната либерализација и натаму ќе бидат достапни за македонските граѓани, но со новиот систем на контрола за влез во ЕУ, на патниците им се наметнува нова административна обврска која ќе ги чини дополнителни пет евра.

Новата електронска апликација, која ќе чини пет евра, за влез во Европската унија, ги загрижи балканските земји, затоа што го менува начинот на кој досега се практикуваше визната либерализација. Оваа административна мерка ќе значи и поголема контрола за тие коишто ја злоупотребуваат поволноста на престој без виза повеќе од три месеци во некоја од земјите кои се дел од Шенген зоната.

Оваа нова мерка, која би требало да стапи во сила во 2020 година, има за цел зајакнување на сигурноста на границите на ЕУ и контрола од влез на жители од трети земји.

Контрола и за оние на кои не им требаат визи за ЕУ

Европската комисија деновиве објави предлог според кој милиони странски туристи и бизнисмени на кои и онака не им треба виза за да ја посетат Европската унија ќе мора да пополнат онлајн проверка која чини пет евра пред да стигнат во Унијата. Со системот ќе се проверуваат личните податоци и местото на престојот пред влегувањето во Унијата.

Гоце Атанасов

По нападите од милитантите на Исламската држава во Франција и Белгија и хаотичното масовно пристигнување мигранти и бегалци, првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, изјави дека контролата ќе ги затвори дупките на границите за милитантите, криминалците и илегалните мигранти.

„Се работи за заштита на нашите меѓународни, надворешни граници и внатрешната безбедност и да бидеме сигурни дека ние можеме ефикасно да ги забележиме патниците ослободени од виза од ризиците на илегалната миграција, безбедноста и здравјето на луѓето“, рече тој.

Наречен Европски систем за информации за патување и овластување ја покажува и европската загриженост околу плановите за проширување на безвизниот режим и за граѓаните на две големи соседни земји на Унијата, Украина и Турција. Тој ќе се применува и за граѓаните на земјите од Балканот. Исто како и американскиот систем на проверка, овој систем ќе се однесува за жителите на околу 60 земји во светот на кои им се потребни визи за влез во Унијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Контрола и на оние на кои не им треба визи за ЕУ

Системот сега треба да биде одобрен од владите на земјите членки и од Европскиот парламент. Тој ќе биде самофинансиран преку плаќање за барањата. Европската комисија проценува дека трошоците за воспоставување на системот ќе бидат околу 200 милиони евра, додека годишните трошоци за негово одржување скоро 85 милиони евра. Официјални претставници на ЕУ се надеваат дека системот, откако ќе биде одобрен, би можело да профункционира во почетокот на идната деценија. Американската онлајн проверка е валидна две години и чини 14 долари.

Европската контрола нема да влијае врз македонските патници

Европскиот систем за информации за патување и овластување во основа ќе важи за сите земји кои не се дел од Шенген зоната, но кои имаат право да патуваат без визи.

Новиот начин на евидентирање на европските граници ќе биде само административна обврска, вели Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование.

„Веројатно ќе значи една административна задача повеќе пред планираното патување, можноста да знаете дали може да патувате предвреме или не, затоа што и сега постои можноста граничната полиција да одлучи да забрани влез на некое лице во Шенген зоната“, вели Стојковски.

Причини за тоа може да бидат тоа што патникот можеби не ги исполнува безбедносните услови или нема доволно пари за престојот, така што ова, од тој аспект, може да се третира и како некакво олеснување, но оваа административна задача патникот треба да ја исполни пред да замине, објаснува Стојковски.

Една од причините за ваквиот предлог на Европската комисија е и безбедносниот аспект. Податоците од електронската апликација на граница ќе се споредуваат со постоечките бази на податоци на ЕУ: потерници, налози за апсење, осомничени за тероризам или прекршоци во врска со добивање на виза.

Граѓаните, кои ние ги анкетиравме, ја оправдуваат потребата на ЕУ да ги зајакне безбедносните протоколи за луѓето кои влегуваат во Шенген зоната.

„Едноставно, можеби Европа се штити од нас во некој момент, поради тоа што гледаме какви се случувањата со Бугарија, Романија, значи ги преплавуваме сите европски земји, едноставно сите за поголема егзистенција, кај нас одеднаш се земаа бугарски пасоши само за да се излезе во Европа“, вели анкетиран граѓанин.

Може цената од пет евра не е висока, но сепак е дополнителен финансиски надомест кој ќе треба да го платат патниците, вели Дамјан Здравев од невладината „Реактор“. Тој смета дека оваа апликација нема сериозно да влијае врз намалување на движењето и искористувањето на безвизниот режим.

„Меѓутоа не смееме да занемариме дека било која бирократијата, и влегување во дополнителна постапка за патувањето на патниците може да делува демотивирачки, но во овој момент навистина е тешко да се предвиди во колкава мера ќе влијае на патувањето, и затоа треба да се почека спроведувањето на мерката, па потоа да се видат ефектите од истата“, вели Здравев.

Граѓаните кои ги анкетиравме сметаат дека тоа нема да влијае, врз интересот на македонските патници да ги ползуваат бенефитите од безвизниот режим. Особено нема да влијае врз оние кои го злоупотребуваат безвизниот режим со цел иселување од Македонија, велат граѓаните.

„Нема да влијае на иселувањето, тоа кај нас е вековна традиција.“

„Не може да го сопрете. Тој што сака да побегне, ќе побегне“, велат тие.

Тешко е да се предвиди во овој момент дали оваа мерка ќе го намали македонскиот тренд на иселување, додава Здравев. Тој смета дека е неопходно да се истражат суштинските причини за иселувањето, на кој начин и во каква форма се иселуваат македонските граѓани во ЕУ, колкав дел од нив се легално, а колку нелегално, па потоа ќе може да го бараме одговорот на прашањето дали воопшто овој европски механизам ќе влијае на македонското иселување. Според досегашната пракса, поголем дел од граѓаните коишто се иселуваат тоа го прават на легален начин, така што новиот механизам нема во значајна мера да ги демотивира граѓаните во барањето на подобри услови за живот во Европската унија.