Во Бугарија по нередите уапсени 300 мигранти

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во Бугарија уапсени 300 мигранти

Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека околу 300 мигранти биле упасени по нередите во најголемиот мигрантски камп во Бугарија во кои биле повредени дваесетина полицајци. „Околу 300 мигранти, од кои шест претставуваат закана за националната безбедност, се уапсени“, рече тој за Бугарското национално радио.

Премиерот Борисов претходно го посети кампот Харманли во близина на границата со Турција каде што вчера околу 2 илјади мигранти се судрија со полицијата.

Во кампот главно се сместени бегалци од Авганистан.

Тие почнаа да палат автомобилски гуми, да фрлаат камења врз полицајците и уништија неколку згради, вклучувајќи ја и кантината. До ова дојде откако било воведено ново правило, односно забрана за излез од центарот поради медицински причини.

бугарскиот премиер Бојко Борисов

Имено, имало извештаи дека меѓу мигрантите и бегалците се појавила некаква заразна кожна болест.

Шефицата на Бугарската агенција за бегалци, Петја Парванова, која управува со кампот и која ја донесе одлуката за негово затворање со цел да се истражат наводите за болеста изјави дека информацијата била лажна.

„Вештачки создадена тензија доведе до ова, односно по лажните извештаи дека центарот е срцето на инфекцијата“, рече Парванова.

Тензиите во тој регион секојдневно се зголемуваат, а локалното население постојано бара затворање на кампот.

Бугарските националисти организираа неколку протести во изминативе месеци, барајќи затворање и на другите бегалски кампови во земјата, а мигрантите да бидат вратени во Турција или во нивните земји.

Според нив, Бугарија е најсиромашната земја во Европската унија и не може да си дозволи да згрижува голем број мигранти и бегалци.

Мигрантите кои бегаат од насилствата на Блискиот Исток продолжуваат да пристигнуваат во Бугарија и покрај ѕидот што го гради Софија на турската граница.

Бугарските власти исто така ги зајакнаа контролите на границите со цел да го запрат илегалното влегување на мигрантите.

Според официјалните податоци, околу 17 илјади мигранти биле приведени во изминативе десет месеци од годинава.

Исто така се наведува дека сега во Бугарија имало над 13 илјади мигранти, повеќето од нив од Авганистан.

Балканските земји ги затворија нивните граници во март годинава, откако околу еден милион луѓе влегоа во Европската унија во текот на минатата година.

Сепак, се уште стотици мигранти секој ден се обидуваат да стигнат до некоја земја од Унијата.

Повеќето тоа го прават со помош на шверцери на кои им плаќаат иладници долари.

Притоа мигрантите често се изложени на грабежи и малтретирања.