Трета ПИН музичка конференција во Македонија

Постер за третото издание на ПИН музичката конференција во Македонија.

Од 25 до 27 ноември, во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на 18-от ТАКСИРАТ, како повеќедневен европски саем на музичките креативци, ќе се одржи третото издание на ПИН музичката конференција во Македонија. Земја во фокусот овојпат ќе биде Словенија.

По примерот и во соработка со водечките европски конференции, како повеќедневен саем на музичките креативци, 18-от ТАКСИРАТ го потпишува и третото издание на ПИН музичката конференција во Македонија. Се работи за манифестација која има посебно место и значење како иницијатива за актуелизирање и развој на музичката сцена кај нас.

Целиот концепт на ова несекојдневно (суб)културно случување е обмислен како предизвик и придобивка пред сè за музичарите, на кои им се отвора можност да поминат два-три дена заедно со некои од најзначајните имиња од музичката индустрија на Стариот континент и директно да бидат вклучени во дискусиите и актуелните теми за музичката уметност и дискографската индустрија денес.

Овојпат, програмски земја во фокусот на ПИН не случајно ќе биде Словенија, земја од регионот којашто во однос на музичката сцена и промоцијата на своите музички продукти е значително успешна надвор од границите на својата територија.

КОАЛА ВОИС, музичка група од Словенија.

„Сметавме дека Словенија е еден одличен пример како во нашава близина функционираат некои работи кога е во прашање музичката сцена, особено што се однесува до постоењето на официјално експорт-биро за извоз на домашната музичка сцена, државни стратегии како воопшто да се промовира музичката сцена и што значи самопромоцијата и државната промоција на музичките фестивали надвор од границите на својата земја“, вели Катерина Цветковска од Пасворд продукција, организаторите на фестивалот ТАКСИРАТ.

Во рамките на ваквата опсервација на актуелните текови на словенечката музичка сцена на третиот ПИН гостува МЕНТ фестивалот и конференцијата којашто се одржува во Љубљана. Тие во музичкиот дел од своето претставување со себе ги носат, според нив, моментално најквалитетните и најсвежите имиња од тамошната сцена. Станува збор за КОАЛА ВОИС, еден добар, талентиран и млад бенд којшто во 2014 година победил на средношколскиот натпревар во Љубљана и во изминативе нецели две години успеал да гостува на дел од најголемите музички фестивали во Европа, инди-панкерите ЧАО ПОРТОРОЖ како и продуцентот БЛАЖ, во чија сфера на интересирање е ,пак, хип-хоп музиката, но кој освен со својот настап ќе биде и еден од говорниците на панел дискусиите.

БЛАЖ, музички продуцент.

А, кога сме веќе кај конференциската програма, организаторите, потенцираат дека нејзината цел е да внесе свежи идеи кога се во прашање музиката и сцената. Важно е да се напомене и тоа дека дискусиите се отворени за сите посетители и дека се така обмислени да бидат атрактивни и за оние кои активни учесници на музичката сцена и во креирањето на политиките, но секако и за посетителите – музичките фанови кои слободно можат да се вклучат со свои размисли во сите загатнати теми актуелни кај нас, но и пошироко.

Во случајов посебно бележите се и специфичните прашања кои нам ни се особено битни, па така еден панел е исклучиво фокусиран на домашната музичка сцена и затоа е насловен како „Македонски звучи супер“, а на него гости-учесници и говорници ќе бидат творци како Горан Трајковски, Оливер Белопета и Тони Китановски.

„Македонски звучи супер“ се фокусира конкретно на проблемите кои ги имаме ние кај нас на домашната музичка сцена. Дали имаме инфраструктура, дали имаме медиуми, дали имаме образование коешто е посветено на вкусот на публиката кога е во прашање музиката...Дали македонскиот јазик е музикален како што самите мислиме дека е и, ако е така, зошто имаме проблем да се „извезуваме“ од аспект на музиката надвор од Македонија“, појаснува Цветковска.

Таа дополнува, дека не помалку искричења може да се јават и на панел дискусијата којашто ќе се бави со актуелните политички теми во контекст на музиката. Вели дека во фокусот на „Политика и музика“ ќе бидат музичарите – активисти.

Притоа како гости се очекуваат политичари и членови на бендови не само од регионот туку воопшто и од Европа, меѓу кои и Петрит Селими, министер за надворешни работи од Косово и човек кој има работено и како промотер и организатор на концерти ( Ману Чао, 50-сент, БУЕНА ВИСТА СОСИАЛ КЛУБ...), а всушност главното прашање би било „дали музичарите можат да го спасат светот“.

Конечно, ПИН конференцијата е предвидено да кулминира со новото трето возобновено издание на ЛУЗЕР ФЕСТ на кое во финалето ( во битката за главната награда – снимање и промоција на деби албум) ќе настапат КОНТАКТ 59, ФРИК ЈУНИК, ИНКЛИНГС, ЛИНКОЛН ЛЕТЕР, МАРИНАЛЕДА, ШЕК ШОК, СТРИНГ РОУД и ЛОКАЛ БЛУ.

„ПИН конференцијата е одличен собир на експерти, музички креативци и работници не само од Македонија и регионот, туку и од Европа, и затоа ова е одлична прилика овие млади бендови да се сретнат директно со нив и да научат многу повеќе за понатамошниот развој на сопствените кариери“, ќе рече Цветковска.

И уште ова, во деновите од престојниот викенд на манифестацијата ќе можат да се видат и настапите на ВАЛТЕР ШНИТЦЕЛЗОН од Словачка, ВЕИНХОЛД од Германија, АДВЕНТ и перформансот на распродадените Скај и Рос од МОРЧИБА, а учеството на ПИН конференцијата ќе биде бесплатно за сите посетители од Македонија, но со задолжителна претходна регистрација кај организаторот.