Одбрана на државата - од „криминал“ и од „федерализација“

Лидерот на СДСМ Зоран Заев зборува на предизборен митинг во Прилеп.

Од првите митинзи на партиите, аналитичарите велат дека може да се препознае текот на кампањата. ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира дека тие ќе ја бранат државата, а СДСМ дека се борат за демократија и борба против криминалот. Заеднички се програмата и проектите.

ВМРО-ДПМНЕ оди со тезите за одбрана на државата, СДСМ зборуваат за враќање на демократијата и борба против криминалот и корупцијата. Лидерите на двете најголеми партии, Никола Груевски и Зоран Заев, ги упатија клучните пораки од Охрид и од Прилеп, на почетокот на изборната кампања. Преку кажаното, според аналитичарите, може да се препознае и идниот тек на кампањата.

„Ако веруваш во Македонија, гласај против сценаријата кои и се кројат на оваа држава, со двојазичност на целата територија, со воспоставување на нова држава, без идентитет и без суверенитет. Затоа ни се потребни 63 места во парламентот, 63 пратеници, кои ќе гарантираат дека овие сценарија нема да успеат“, рече Груевски пред илјадниците граѓани собрани на првиот митинг во Охрид.

Заев од Прилеп, пак, порача дека Уставот гарантира право за користење на јазиците на заедниците и ги праша граѓаните дали сакаат уште четири години да живеат во режим.

„Ќе има правда, секој кој крадел од вас граѓаните кој што крадел од вашиот живот ќе одговара ќе има правда, ќе се одговара и законот ќе важи исто за сите. И парите ќе ги вратат назад“, рече Заев.

Општо, кампањата ќе биде насочена кон една работа што ги разликува двете страни и за која ќе се конфронтираат и една што им е слична, оценува Никола Дујовски, професор на универзитетот Свети Климент Охридски.

„Проценките за можна федерализација на државата што ги промовира ВМРО-ДПМНЕ се терминологија што се употребува за избори за да се привлечат националистичките гласови. Со промовирањето на слободата и демократијата на Заев, со тоа што тој инсистира дека дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ се сериозно засегнати од криминал, исто така е легитимно да се користи во предизборни цели“, вели Дујовски, кој додава дека слично во кампањите на двете партии е што тие ќе промовираат програми и проекти.

Но, сите додава тој пропуштаат да кажат клучна работа - како по 11 декември ќе ја вратат државата во колосек и ќе ги спроведат препораките за сериозни реформи во општеството за да се излезе од кризата. На 12 декември кој и да победи, таа не значи дека ќе заврши, смета Дујовски.

Очекувањата се и дека партиите на Албанците генерално како и сите изборни циклуси досега ќе се концентрираат на етничките теми.