Клучно е некој „да повлече нога“ за корупцијата

Презентирање на предлзи за реформи за борба против корупција

Многу луѓе сметаат дека корупцијата не се казнува. Во оној момент во кој за корупција ќе биде казнет некој функционер, ќе се создадат услови граѓаните да се охрабрат да пријавуваат.

Граѓаните ќе се охрабрат да пријавуваат корупција кога ќе видат еден случај на покренато обвинение и ефикасна постапка против лице инволвирано во корупција, беше кажано на дебатата во организација на Институтот за демократија Социетас цивилис за излез од политичката кризата во Македонија која беше генерирана од индициите за коруптивни дејствија, што ги открија снимките од прислушуавните разговори.

Осврнувајќи се на последниот извештај на Транспаренси интернејшнал во кој се наведува дека граѓаните се плашат да пријават корупција, Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели дека во моментов многу луѓе сметаат дека корупцијата не се казнува. Во оној момент во кој ќе се види одлучна борба против корупција на високо ниво, од СЈО, но и генерално од Јавното обвинителство, кое потфрлува во оваа смисла, во тој момент ќе се создадат услови граѓаните да се охрабрат да пријавуваат корупција зашто тие ја чувствуваат во секојдневието, изјави Поповиќ.

„Ако зборуваме за размер во смисла дека повеќе граѓани ќе пријавуваат корупција, да, случај во кој актуелен политичар кој во моментов е на власт од високо ниво биде обвинет па осуден со фер судење за корупција, тоа може да влијае на охрабрување на граѓаните. Но, граѓаните сепак пријавуваат корупција. Но, ако се спореди бројот на пријавени случаи и проценката за тоа колкава е раширеноста на корупцијата може да се каже дека е мал бројот на пријавување“, изјави Поповиќ.

Тој исто така го нагласи ставот дека политичката криза во Македонија нема да заврши со изборите во декември, туку во овој момент во кој институциите ќе работат со интегритет и дополни дека секоја власт треба сериозно да се занимава со борба против корупцијата. Во прилог на фактот за распространетоста на корупцијата во Македонија зборуваат и податоците дека 480 илјади граѓани годишно се притиснати да дадат мито. Според Поповиќ, во државата имаме проблем со висока корупција раширена во сите пори на политичкиот систем, од горе па надолу.

„Тоа значи дека живееме во оној концепт на заробена држава, концепт кој покажува дека институциите не работат за граѓаните туку за приватни интереси“, вели Поповиќ.

Од овие причини на дебатата на Институтот за демократија беа поканети и политички партии од кои се очекува тие да кажат кои се нивните планови за борба против корупцијата доколку влезат во идната власт.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернејшнал Македонија обрна внимание на непримената на Законот за укажувачи кој беше донесен во Собранието, изјавувајќи дека законот не се применува зашто институциите тоа не го дозволиле.

„Тој закон исто така претпоставува услови за ефикасна заштита и на лицата кои се спремни да пријават корупција за да дознаеме дека корупцијата се случила, која е многу прикриен вид на криминал, потребен е некој кој е подготвен тоа да го пријави“, изјави Тасева.

Иако институциите ја оневозможуваат примената на законот за укажувачи, таа се обиде да внесе надеж изјавувајќи дека јавноста треба да бара ефикасна заштита на лицата кои се ставаат во ризик кога сакаат да пријават корупција и да бидат заштитени не само како сведоци, туку и како пријавувачи.

Инаку, на дебатата што ја организираше Институтот за демократија, беа изнесени предлози за итни реформски мерки кои вклучуваат и промени во законодавството и политиката, а тие меѓу другото треба да обезбедат реформи на системот за финансирање на политичките партии и повторно воспоставување отчетност и одговорност од институциите за борба против корупција.