Иако земјите во Западен Балкан, вклучително и Македонија имаат преземено важни чекори за да ги развијат и зајакнат своите системи за спречување на корупцијата, нивниот напредок е бавен и најчесто само на хартија, се вели во најновиот извештај на Транспаренси Интернешнал. Закони се воведени, но тие не се спроведуваат. Независноста на медиумите и граѓанското општество се исто така под закана, се наведува во извештајот.
Упатените во оваа област велат дека земјите не можат само да носат закони со кои ветуваат дека ќе се борат против корупцијата, туку тие треба да дејствуваат со овие закони.
„Институциите се тие кои што треба да ги спроведуваат законите. Законите донекаде се добри, во некои треба да се интервенира, како на пример оној за судир на интереси, или борба против корупцијата. Важно е тие да се спроведуваат. Институциите се тие кои треба тоа да го прават, а токму ДКСК е едно партизирано тело коешто работи само во корист на владејачката партија“, вели Ана Јаневска-Делева од Транспарентност Македонија.
Во извештајот се заклучува дека политичките партии се најмалку транспарентни играчи. Тие располагаат со најголема моќ, а сепак тешко е да бидат казнети за коруптивно дејствување. Таму стои и дека соработката меѓу судството, Државната комисија за спречување на корупцијата и јавното обвинителство за организиран криминал е слаба или воопшто не постои. Од друга страна се наведува дека назначувањето на членови на анти-корупциската комисија и селекцијата на судиите е политизирано, а политичките влијанија врз судските одлуки се вообичаени.
„Република Македонија веќе долг период е во некоја стагнација што се однесува до борбата против корупцијата. И тука ќе повторам, највиновни се институциите кои имаат надлежност да мониторираат и се борат против ова зло, тука на прво место е Државната комисија за спречување на корупцијата, па судството, обвинителството итн“, вели Јаневска-Делева.
Во најновиот извештај за борбата против корупцијата, приоритетите и реформите забележано е и дека државата врши строга контрола врз медиумите, а како случај кој го илустрира тоа е соопштението на Јавното обвинителство со предупредување на правните последици за медиумите кои објавуваа дел од преслушуваните разговори, што беше критикувано како обид да се задуши слободата на говорот.
Дел од препораките на извештајот се влијанието на извршната власт врз судството и обвинителството да се намали преку обезбедување повеќе транспарентни и објективни системи за назначување, префрлање и разрешување на судии и обвинители. Понатаму, сите наводи за закани и насилство врз медиумите и претставниците на граѓанското општество да се испитаат без одлагање и строгите казни да се применат кога тие се добро основани. Исто така се препорачува посилен и координиран надзор на активностите на политичките партии и финасирањето на кампањите, а прекршувањата на изборите и на изборната кампања мора доследно да бидат казнети.
Според Трансперенси Интернешнал, нивото на корупција и слабото управување во Западен Балкан и Tурција ја поткопуваат стабилноста во овој инаку кревок регион.