Доајените со „Квартет“ за дигнитетот во односот кон професијата

Сцена од театарската претстава „Квартет“ од Роналд Харвуд во режија на Зоја Бузалковска.

На Малата сцена во Македонскиот народен театар, овој петок, на 18 ноември, во 20 часот, ќе биде исправена простум „Квартет“ од Роналд Харвуд во режија на Зоја Бузалковска. Дигнитетот во односот кон професијата, како и многупати досега, ќе го бранат доајените на македонското глумиште Лилјана Велјанова, Катина Иванова, Емил Рубен и Благој Чоревски.

Ова е претстава за дигнитетот во односот кон професијата. За перфекционизмот. Претстава која треба да нè врати до самата срж на уметноста во моментот кога консумираме едно општество на загубени духовни вредности. Во таа смисла, претставата ја сфаќам како крик на опомена на четворица врвни мајстори на актерството, но и достоинствени борци за својата фела и својата најголема љубов — театарот, директно од пиедесталот на кој тешко се стасува, но кој лесно се сквернави, кои на еден трагично-комичен начин нè потсетуваат дека еднаш создаденото во театарот, не смее да биде небрежно извалкано и запустено. Ова е претстава која не трпи попатност, зашто во својата идеја се бори токму против лесното и непромислено изневерување на себеси и на очекувањата на другите околу себе.

Вака Зоја Бузалковска, во само неколку реченици“ ќе ја извлече срцевината на својот нов творечки исчекор – поставката на „Квартет“ од еден од најпознатите современи британски драмски автори Роналд Харвуд.

Во експликацијата за настанокот на драмата, таа истакнува дека бил необичен зашто актерите, а не таа нив, ја повикале да го режира текстот на Харвуд кој го открила и со кој еден период во себе живеела актерката Лилјана Велјанова. Вели дека да се работи со четирите маестра, со доајените на македонското глумиште како Велјанова и Благој Чоревски од Драмски театар и Катина Иванова и Емил Рубен од МНТ, е огромна чест и задоволство, а истовремено и голем предизвик, искушение и тест за еден режисер“.

„Се работи за еден фантастичен драмски текст за четири лика кои, секој од нив, има еднаков простор во оваа приказна. Тешки актерски и ужасно сложена режисерска задача, затоа што ова не е претстава во која ќе видите режисерски егзибиционизми какви што ние знаеме да правиме, туку којашто се занимава со приказната. Со односите. Се обидува што поточно, подобро и посугестивно да ја раскаже оваа, би рекла, трагикомична приказна, на моменти многу смешна, на моменти ислучително тажна - за четворица некогаш многу познати и популарни оперски пејачи кои сега се наоѓаат во дом за стари лица токму од таа фела.“

Велјанова, пак, која во „Квартет“ ја толкува Џин Хортон, нарцисоидна оперска певица која имала голема кариера и која сега ја прави драмата, појаснувајќи ја причината зошто текстот на Харвуд веднаш и се допаднал потенцира дека „тоа е возбудлива приказна која ги засега не само оперските, туку сите уметници кога поради возраста треба да заминат од сцената и да се збогуваат со професијата на која и биле посветени цел живот. Кога тие заминуваат во некои возрасти, кога се чувствува полека елиминацијата од присуството на сцената, што е еден од најболните процеси за секој уметник кога е вистински професионалец и кога го посветил животот на она што се вика театар и театарската уметност.

Зоја Бузалковска.

„Мора да кажам дека тоа во нашиот простор е многу драстично и многу болно. Во еден подолг период стана една тешка елиминација на се што се вика повозрасно во театарот. Новите генерации треба да не заменат и треба да бидат подобри од нас, и лошо би било кога не би било така, но мешањето на возрасти и на искуства е само драгоценост на секоја уметничка куќа. Тука, кај нас, малку се правеа грешки. Се надевам дека во иднина ќе се поправат“, вели актерката, со задршка дека самата е „оптимист со искуство“.

Катерина Иванова ја толкува сенилната оперска певица Сесили Робсон, која пеела на сите големи светски сцени, но која сега живее во исчекување да ја однесат некаде од Домот за старци што опстојува од нечии донации.

„Таму барем има некој дом со донации, кај нас има старечки домови во коишто веројатно дел од, за жал, колегите коишто ќе стигнат до тој степен можеби и не можат да пристапат во нив. Роналд Харвуд одлично го перцепирал тоа во нивното општество и добро го насликал, добро го артикулирал.“

За Благој Чоревски, кој во доцните 1990-ти како директор во Драмски го потпишал поставувањето на „Гардеробер“, имал лична средба со Харвуд кој во Скопје бил гостин на МОТ и сега го отелотворува Вилфред Бонд, станува збор за лик како напишан за него. За еден славен пејач кого го споредувале со Тито Гоби, но кој „си признавал дека не е уметник, ами занаетчија“.

„Тоа ми импонира затоа што да го имаш занаетот во рака и да вадиш како магионачар делови од тој занает и да и ги презентираш на публиката е големо мајсторство.“

Конечно, Емил Рубен, или Реџиналд Печит од „Квартет“, со текст од претставата го кажува и сопственото мото.

„Соочете се барем еднаш во животот со стварноста. Живи сме, ама не за долго. Затоа искористетего ова време најдобро што можете. Искористетегоовој ден, овој час, овој миг. Живејте сега живи Бога, живи сме! Ајде да го прославиме тоа. Ние сме уметници и треба да го славиме животот. Што друго сме правеле сите овие години.“

И, по сè повторно да му се вратиме на писанието на Бузалковска. Таа вели дека „Квартет“ трага по најкревкото во односите меѓу овие четири лика. Дека се обидува да ги дофати нивните најдлабоки стравови и дилеми. Да се соочи одблиску со вистината за себе, со прашањата на смислата на животот, стареењето и умирањето наспроти вечноста, љубовта и сексот, пропуштените места во животот и оние проживеаните, сега кога е време да се повлече црта и да се направи резиме на одживеаното; да се сведе билансот на сработеното; да се судрат минливоста и трајните вредности; да се разбудат спомените и достигнувањата и да се испита потенцијалот на нивното сквернавење.