Загадувањето предизвикува опасност за хронични болести кај децата

Загаден воздух во Тетово

Веќе неколку години во Тетово речиси 80 проценти од сите денови во една календарска година се со загаден воздух. Лекарите предупредуваат дека тоа може да предизвика хронични заболувања кај децата.

Со оглед дека во Тетово речиси секој ден има загадување на воздухот и драстично високо присуство на отровните материи, децата се соочуваат со здравствени проблеми исто така на дневна основа, а се во опасност во иднина да добијат заболување на кој било орган, не само на респираторниот систем, велат лекарите од градот. Засега нема споредбени податоци, а според докторите алармантно е тоа што поради помалиот имунитет, децата се соочуваат со стекнување на хронични болести.

„ПМ 10 честичките, поради својата хетерогеност, делуваат обично надразнително на слузницата на носот и грлото, но поради својата димензија навлегуваат длабоко во дишните патишта, предизвикуваат воспаление на дишните патишта. Ова се краткорочни ефекти, а долгорочните ефекти се што може да настанат хронични заболувања од типот на хроничен опструктивен бронхит и астма“, вели доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.

„Како последици можат да се појават алергиски болести, развој на астма и на потешки заболувања на белите дробови, па дури и карцином на бели дробови, смета д-р Александар Костески, специјалист по училишна медицина.

Докторите објаснуваат дека загадувањето најмногу влијае врз децата затоа што нивниот волумен на дишните патишта е мал, а бидејќи се активни внесуваат многу повеќе воздух од возрасните.

„Децата побрзо дишат. Возрасен човек 14 до 16 инспириуми прави, а тие многу повеќе прават и активни се, се движат. Многу поголема количина на загаден воздух вдишуваат“, укажува доктор Давидовски.

Во ваква ситуација во Тетово лекарите со препорака на интернет да се следи колку е загаден воздухот и ситуациите на помало присуство на штетните материи да се користат за престој на отворено. Веќе неколку години во Тетово речиси 80 проценти од сите денови во една календарска година се со загаден воздух.