Достапни линкови

Во Тетово сè помалку дрвја и паркови


Жителите во Тетово постојано се мачат со загадениот воздух, а дополнителен проблем претставува тоа што исчезнуваат зелените површини, а на нивно место никнуваат згради.

Поради реконструкцијата на спортскиот центар во Тетово беа исечени десетици дрвја, а во изминатиот период на повеќе места се уништени зелени површини за да се градат објекти.

Жителите на Тетово сметаат дека градот мора да има повеќе дрвја и паркови и за рекреација, но и за подобрување на состојбите поради постојаното загадување на воздухот.

„Сведоци сме дека во последно време сè помалку паркови и оние места кај што имаше, кај музичко во Поток и други места кај што имаше паркови никнуваат згради. Така да навистина доколку парковите, како потреба за прочистување на воздухот ни се потребни, не знам која е потребата баш тие места да бидат искористени за градење на згради, кога има толку доволен простор надвор од градот каде што може да се градат. Така што мислам дека се работи за несоодветна политика која ја водат градските власти. И сметам дека навистина на градот му се потребни вакви зелени површини.“

„Децата треба да излегуваат на воздух, на чист воздух, ама тоа го нема. Имавме еден спортски центар, гледам сега багерите работаат, ама ништо, децата седат по улици, вака. Нема ништо друго“, велат анкетирани граѓани.

Паркот наречен „Жена борец“ кој со години беше запуштен, од Општина Тетово најавија дека ќе го реконструираат. Иако градоначалничката Теута Арифи од самото место рече дека ќе се обновува, таму ништо не се работи.

„Парк сметаме дека ќе му служи на градот Тетово. Сметаме дека ова е една потреба за градот и е инвестиција и мислиме во краток рок работите ќе завршат“, рече Арифи.

Борислав Павлоски, извршен директор на Центарот за развој и унапредување на јавниот живот, вели дека наместо да се унапредуваа состојбата со зеленила и паркови во град како Тетово, секоја година се повеќе и постојните се уништуваат. Смета дека има потреба од поголемо ангажирање на локалната самоуправа и заеднички со невладиниот сектор да наоѓаат средства за нови паркови и урбана опрема.

„Воедно се добива впечаток дека општините немаат или капацитет или човечки ресурси за да можат да направат или да соработуваат со невладините организации за воспоставување на такви зелени површини или пак јавни паркови. Или пак немаат доволна соработка со невладиниот сектор, кој од друга страна се обидува, но тоа се некои краткотрочни проекти, во обновување на опремата или разубавување дел од самиот парк. Но тоа се кратки проекти што по нивното завршување никој не може да ја преземе одговорноста истите тие површини да ги одржува“, рече Павлоски.

Засега, паркот кај Шарена џамија е единствениот кој е во одржлива форма и служи на граѓаните за да прошетаат или да се одморат.

XS
SM
MD
LG