Во ерата на изместени вредности и тиранијата на регионалната турбо какофонија, звучи просто неверојатно кога ќе се случи едно подруго да се нижат музичките настани кои безмалку однапред, без пословичната доза скептицизам, може генерално да ги третираме како вистински мелем за отворената рана. Е, еве тоа и ни се случува. За голема радост на сите оние кои ја претпочитаат разноликоста и веруваат дека ова парче земја може, ако сака, да биде и пристојно место за нормално живеење. Место во кое вистински ѕвезди ќе бидат творците, оние кои макотрпно ги развиваат сопствените таленти, а не овие другите кои продавајќи ни магла за дебели пари загосподарија со нашата сегашност.
Но, да тргнеме со ред. Повеќе можеби фактографски, но сепак како белешка за еден миг од нашето реално битисување.
За Карсу Домнез критичарите ќе забележат дека е исклучителна, импресивна и моќна пијанистка и вокалистка која со своите композиции и со енергичниот настап полека ја освојува меѓународната сцена и станува една од омилените уметници. Во нејзината музика се чувствуваат влијанијата на џезот, фанкот, соулот, блузот и регето, а со две дискографски објави („Conffesion“ во 2012 и „Colors“ три години подоцна), таа стана првата турска уметница која собра грст награди на доделувањето на годишните признанија во земјата во која што живее и твори – Холандија.
Домнез најнапред ќе настапи овој петок, на 4 ноември, во Домот на АРМ во Скопје на Есенските музички свечености, за потем (во недела навечер) да ја видат и чујат и битолчани каде викендов ќе се одвива осмото по ред издание на Фестивалот на музика од светот, една од ретките културни манифестации која за релативно кратко време успеа да се издигне над локалното и да го анимира вниманието на публиката во регионот.
А, токму таму, во сабота, на 5 ноември, ќе се случи и новата средба со португалската фадо-дива Тереза Салгуеиро, која годинава одбележува три декади од своето присуство на музичката сцена. Зад неа се деновите со култните „Madredeus“, искуството со режисерот Вим Вендерс во „Лисабонска приказна“, соработките со големите Збигњев Прајснер и Хозе Карерас, непрекинатите турнеи по светот, а во Битола доаѓа по концертите во Финска, Тајван, Швајцарија...за да ја промовира својата нова фалена објава – албумот „O Horizonte“ што официјално излегува на крајот на овој месец.
И тоа не е се, во градот под Пелистер. Директно од Штип во Порта џез ќе се појават девојките од српскиот „New Spark Jazz Orchestra“, еден исклучителен млад модерен џез ансамбл со кој во случајов ќе диригира Тони Китановски.
А, кога сме веќе кај најслободарската музичка форма, никако не смее да се заборави соло-перформансот на македонскиот пијанист Симон Киселички, кој насловен како „Flow Now“, е планирано да се одржи истиот ден, во несекојдневниот амбиент на Даут Пашин амам. Проектот е замислен како непланирана инспирација од просторот и моментот, „тука и сега“, така што публиката ќе има можност да сведочи за уникатната изведба на овој вонсериски музичар.
Во овој контекст со посебно внимание треба да се проследи и неделниот концерт на Нитаи Хершковиц, еден од најистакнатите светски џез-пијанисти од помладата генерација. Познат по неговата виртуозност и длабока емоција, Хершковиц по четиригодишната плодна соработка со врвниот израелски басист Авишаи Коен, од неодамна ја почна својата самостојна солистичка кариера. Тој есенва го обелодени својот прв солистички албум „Asked You a Question“ (Raw Tapes, 2016), а во Скопје доаѓа по прекрасниот рецитал одржан на 20-то издание на сараевскиот Џез-фест.
И, конечно, в сабота, од 20 часот, во ВИП салата а центарот „Борис Трајковски“, како врв на ваквата понуда, за генерациите кои растеа со него и другите кои само ги слушале рокенрол приказните - легендарниот Иан Гилан, со музиката на Deep Purple, придружуван од бендот на Дон Ери и Македонската филхармонија под диригентство на Стивен Бентли Клајн. За него и за историчноста на матичниот бенд, за изведбите на класици како „Smoke On The Water“, „Child In Time“, „Black Night“, за концертите и турнеите, за незаборавниот перформанс(и) со Лондонскиот симфониски оркестар, кавгите со гитарскиот маг Ричи Блекмор, веќе и врапците знаат сè, само што во случајов треба да кажеме и тоа дека подостарениот но нималку за’рѓан Гилан и натаму рока по светот со несмалена жестина, а Авалон продукција, заедно со неговата ќерка и нејзиниот бенд „Papa Le Gal“ овде дома го носат по настапот со белградските симфоничари.