Во Куманово годинава три случаи со ХИВ/сида

Волонтери од невладини организаци ги информираат граѓаните во Куманово за ХИВ и сида.

Во Куманово се регистрирани петнаесет инфицирани од ХИВ вирусот, од кои тројца мажи оваа година. Волонтери од невладини организаци кои се борат против ХИВ и сида велат дека граѓаните сакаат да бидат информирани како да се заштитат, но има и такви кои ја одбегнуваат темата.

Во Куманово безмалку за три децении откако се следи состојбата, 15 лица се регистрирани како ХИВ позитивни, од нив кај тројца мажи од 25 до 35 годишна возраст инфекцијата е откриена годинава, велат во Центарот за јавно здравје. Загрижувачко е меѓутоа тоа што недоволно е посетувано Советувалиштето за анонимно, дискретно и доверливо, бесплатно советување и ХИВ тестирање.

„Во нашата програма годишно се предвидени 160 теста и предавања на населението, на учениците од основно и средно училиште. Последните девет месеци 90 лица се тестирале за да го знаат својот ХИВ статус“, појаснува доктор Јадранка Стојмановска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Куманово.

Во Советувалиштето заинтересираните се информираат за инфекцијата, болеста, потенцијалните ризици и натамошно следење на состојбата, доколку таа се дијагностицира. Стојмановска вели дека нашиот менталитет е таков што лекарска помош се бара главно кога ќе се забележат здравствени промени. Во тоа не е исклучена и проверка за оваа епидемиолошка болест.

„Мислат дека се информираат преку форуми преку интернет, можеби класичните предавања за нив не се интересни.“

Сепак, има голем број и невладини организации кои на посовремен начин се обидуваат да го информираат и упатат населението за ХИВ вирусот, сидата. Во Куманово неодамна волонтери на Црвен крст на Македонија и на општинскиот Црвен крст, невладината ХОБС-За здрав живот од Скопје, со поддршка на ЕУ преку ИПА проект за погранична соработка за превенција од ХИВ инфекција, се обидоа да ги информираат граѓаните.

Нивните искуства за однесувањето и запознаеноста на граѓаните со ова инфективно заболување се различни.

„Целта е да се запознаат или да се доинформираат за болеста, како таа се пренесува или не, како да се заштитат. Од тие што застанале на штандовите релативно добро се информирани, но сакаат да се доинформираат“, вели Сања Росевска од Црвен крст Куманово

„Во основно училиште од Црвен крст ни држеа предавања за запознавање со болеста, за видови заштитни средства, дека тестот е бесплатен, а во средно училиште исто така ќе имаме презентации.“

„Вакви презентации се полезни, затоа што се дознава за заштита од ХИВ инфекцијата, како се пренесува“, велат волонтери средношколци.

Според волонтерите, при запирање и обид да поразговараат со граѓаните на темата ХИВ сида, наидуваат и на исмејување и одбегнување.

За сега е познато дека ХИВ вирусот, сидата се пренесува преку сексуален контакт без заштита со веќе инфицирано лице, како и при користење нестерилизирана опрема при злоупотреба на наркотици. Постојат и други начини, како што е секретот, отворени рани, кои се со помала веројатност, вели доктор Стојмановска.