По изминати пет години во гостиварскиот регион се евидентирани два нови случаи на заболени со ХИВ вирусот. Се работи за жена на возраст од 50 до 59 години и маж со над 60 години кои вирусот го добиле по хетеросексуален пат.
„Во овој месец имаме регистрирано два нови случаи и тоа со активноста која што ние ја викаме доброволно советување и тестирање се открија две лица со ХИВ позитив. Начинот на трансмисија е хетеросексуален“, изјави доктор Војислав Огњаноски, епидемиолог во Центарот за јавно здравје.
Сега вкупната бројка на заболени од ХИВ/СИДА изнесува седум. Доминира хетеросексуалниот пат на добивање на вирусот.
„Вкупно се регистрирани шест лица кои ХИВ инфекцијата ја добиле по хетеросексуален пат и едно лице по вертикален пат, односно од мајка на дете“, вели докторот.
Со цел да се задржи малиот број на заболени, невладините организации се наоѓаат пред предизвик како да ги спроведуваат превентивните мерки со оглед на завршувањето на средствата од Глобалниот фонд предвидени за борба против сидата. Сега организациите и општините ќе се обидат заеднички да работат на спроведување на превентивни мерки, со средства од фондовите на Европската унија.
„Заминување на глобален фонд во суштина значи и прекин на финансирање на овие програми и се става во прашање понатамошната превенција. Освен невладиниот сектор, веќе локалната самоуправа како таква треба да заземе свое место и учество во поддржување на овие активности. Тоа значи на кој било начин, вклучително и од финансиски аспект треба да обезбеди подржување на овие програми овие активности што невладините организации ги спроведуваат на терен. Преку оваа активност која е обезбедена од страна на Европската унија наоѓаме начин како да направиме одржување на овие програми“, изјави Васка Цветаноска Панова од организацијата Опции за здрав живот Скопје - ХОПС.
Вакви превентивни мерки и стратегии се предвидени и за други градови.
„Четири стратегии се. Не e само таа во Гостивар. Се работат стратегии во Тетово, Скопје и Куманово. Стратегијата е петгодишна, тоа 2016-2020, со акциски планови“, вели Цветаноска-Панова.
Во Македонија има вкупно 274 лица заболени од кои 80 починале.