Кој врз кого врши политички мобинг?

Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски во посета на неколку јавни претпријатија и општината во Битола.

Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски ги охрабрува граѓаните да пријавуваат политички притисоци и злоупотреби, но дел од директорите на јавните претпијатија велат дека тој им врши притисок.

Со наближувањето на предвремените парламентарни избори се отвори и темата дали има политички мобинг на работните места, односно притисоци врз администрацијата за учество во партиски активности. Во изминатиот период јавноста беше сведок на повеќе примери кога заради митинзи или протести вработени во државни институции наместо на работа беа на улица. Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски деновиве посети неколку јавни претпријатија и Општина Битола, остварувајќи средби со раководителите и вработените, со цел да се остварат фер и демократски извори без партиски притисоци врз администрацијата.

Неговата посета директорите ја сфатија како притисок врз нив и вработените.

„Ни достави извадок од закон да го ставиме на огласна табла, а немаше ни архивски број, ни печат од Министерството, а флаерите веројатно ги подели во приватни цели, зашто нема ни амблем на Владата, ниту на Министерството. Дали притисокот кој тој кажуваше дека го прави раководството во некои институции врз администрацијата е всушност обратно? Дали дополнителниот заменик министер ова што го прави не е всушност притисок врз нас како раководители“, праша Марјан Геровски, директор на „Стрежево“.

„Последниве три-четири години откако сум јас директор сме немале таков проблем некој да делува во фирмата или да има дојава од вработени до мене дека од лице од надвор или внатре се врши некаков политички мобинг. Нема политика во оваа фирма. Не би сакал да помислам дека сето ова е некаков театар“, рече Зоран Соклевски, директор на битолски „Комуналец“.

Кирацовски за притисок го обвинија и од Општина Битола. Од таму реагираат дека промотивните материјали што им го оставил на вработените за да пријават притисоци ја содржат лично неговата адреса. На овој начин, велат од Општина Битола, Кирацовски користејќи ја меѓуинституционалната соработка и отвореноста на институциите, СДСМ создава простор за партиска кампања и врши притисок врз вработените.

Кирацовски, пак, возврати дека неговите активности се законски.

„Овие средби беа со цел да се создаде клима за престојните избори на 11 декември. Сите заедно да се заложиме притисоците од минатото да не се повторат. Доколку има било што незаконско во нашето работење ја повикувам министерката и надлежните институции да поднесат пријави против нас“, рече Кирацовски.

Обвинувањата на негова адреса ги гледа како паника во редовите на владеачката партија.

„Нападите од страна ВМРО-ДПМНЕ како партија ги гледам само како страв од масовното охрабрување на граѓаните постојано да пријавуваат политички притисоци и залоупотреби“, рече Кирацовски.